Учениците одат на распуст, надлежните ќе решаваат како ќе продолжи наставата од септември

За основците и средношколците денеска е последниот училиштен ден во учебната 2020/2021 година. Според изменетиот Календар за организација на работата на училиштата (основни и средни) почетокот беше одложен за 1 октомври, а бројот на наставни денови намален од 180 на 159.

Учебната година почна еден месец подоцна поради потребата антиковид-протоколите за реализација на различни начини на настава да бидат законски усвоени во Собранието кое, пак, требаше да биде конституирано по одржаните парламентарни избори минатиот јули.

Во двете полугодија образовниот процес беше организиран по комбиниран модел – мнозинството ученици следеа настава на далечина, главно преку платформата Мајкрософот тимс, а на часови со физичко присуство беа најмалите до трето одделение и од повисоки одделенија во помали училишта – подрачни и во рурални средини. Ученици без ИТ-уреди имаа можност за настава на Македонската радио-телевизија и добиваа печатени материјали

МОН во соработка со Комисијата за заштита од заразни болести и Министерството за здравство, ќе утврдува како ќе се реализира наставата во 2021/2022, што ќе зависи од состојбата со коронавирусот во земјава. Министерката Мила Царовска вчера изјави дека е во постојана комуникација со премиерот и министерот за здравство во врска со враќањето на учениците на 1 септември во училиштата.

-Сите ние имаме една иста желба, а тоа е во септември да ги видиме училишните дворови полни со детски насмевки, училниците да се полни со ученици, а тоа најмногу ќе зависи од епидемиолошката состојба, рече Царовска.

За учениците кои завршуваат основно образование, од понеделник (14 јуни) претстои пријавување за упис во средните училишта во кои, според објавениот Конкурс, слободни се 30 053 места во 913 паралелки во 109 средни училишта.

Матурантите, пак, утре ќе го полагаат вториот екстерен испит од државната матура кој е изборен меѓу предметите математика, странски јазик, филозофија или естетика. Првиот, задолжителен испит по мајчин јазик (македонски/албански/турски јазик и литература) го полагаа во саботата.

Поради отежнатите услови за настава и на барање на Сојузот на средношколци, за оваа генерација матуранти е изменет концептот на државната матура откако во февруари беше постигнат договор со Владата – полагаат еден екстерен испит помалку од минатите години и имаат тестови по скратени наставни програми за сите испити (екстерни и интерни).

Во текот на оваа учебна година Министерството за образование и наука подготви и најави повеќе новини за наредната. Во март ја усвои новата Концепција за основно образование според која ќе се учи по нови наставни програми. Од септември тие најпрво ќе бидат воведени во прво и во четврто одделение и веќе се изработени, а во наредните пет години се планира за целото основно образование.

МОН изработи и нов закон за учебници со цел да се применуваат дигитални содржини. Според планот, од 2021/2022 дигитални учебници ќе бидат во употреба за четвртоодделенците, а во идните години во повисоките одделенија во основното, како и во средното образование. За учениците до трето одделение ќе останат во употреба печатените (хартиени) учебници.

Предлог-законот за учебници и наставни материјали во основното и средното образование е во процедура во Собранието, а поради барања тој да биде повлечен, законодавниот дом прими и предлог на иницијатива од родители да се распише референдум за непосредно изјаснување на граѓаните.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *