Мартинки – црвено-белите амајлии

Баба Марика Узунска вешто ги пронајде во својата кошница, каде го чува приборот за плетење, клопчињата со црвена и бела волница и држејќи ги во рацете и покрај товарот на годините, достоинствено излезе во дворот од семејната куќа во делчевско Тработивиште и ги повика внуците и комшиските деца да ѝ се придружат и да ѝ помогнат во изненадувањето што го подготвува за нив.

Децата љубопитно ја гледаа и се стрчаа по неа подготвени да ги добијат задачите и да го видат изненадувањето. Таа седна на дрвената клупа во дворот и им ги подаде краевите на двете волници на децата објаснувајќи им дека треба да се оддалечат од неа и да ги оптегнат црвенобелите нишки, па вешто држејќи го едниот крај на белата волница со устата, а црвената со треперливите раце, ги испреплетуваа црвено-белите конци.

– Драги мои дечиња, утре е први март и затоа денеска треба да направиме мартинки. Тоа се амајлии да вВе штитат од лошо. Откако ќе ги испреплетиме конците ќе ги ставиме под камен кај трендафилот, ќе ставиме и стомна со вода. Но, за нив никој не треба да знае, каде се и не треба да кажувате на никој. Утре наутро ќе дојдите и ќе се измиете со водата од стомната, а потоа ќе ви ги врзам на рацете за здравје, да ве штити од лоши работи, децата да не ги гори сонцето, да се бели и црвени, им објаснуваше баба Марика.

Таа ги потсети децата дека кога ќе ја видат првата ластовичка ќе ја тргнат мартинката од рацете и ќе ја стават под камен, но задолжително ќе си замислат и желба.

Баба Марика и уште неколку постари жени во делчевското село Тработивиште сѐ уште ја почитуваат традицијата на правење мартинки, ја чуваат од заборав и ги развеселуваат децата, иако денес овој чин на правење мартинки е многу редок, бидејќи повеќето се одлучуваат мартинките да ги купуваат.

Мартинките во Пијанец

Во Пијанечко, мартинките имаат посебна магиска формула и значење, а подготовката на мартинките го следат низа обичаи, објаснува фолклористот Димитар Узунски кој повеќе од половина век ги проучува традициите во Пијанец.

-Под притисок на новото време се поголемото намалување на бројот на жителите во населбите доаѓа до занемарување на народните традиции и обичаи или до нивно прилагодување до современите услови. Така е и со обичајот правење мартинки. Овој обичај се изведува пред почетокот на прва марта, или последниот ден од месец февруари, а се изработива од бел и црвен конец. Белиот конец, значи тие што ја носат да се бели, а црвената да се здрави. Кога се става вечерта мартинката да преноќи под некој убав цвет скриена под камен, не треба никој да ја види, ниту да се зборува додека се прави мартинката, оти таа има магиско- заштитно дејство, за да штити за здравје, бериќет и плодност. Порано кај нас, момчето ако ја гледа девојката што му се допаѓа, каде ја става мартинката, тој ќе ја земе мартинката и утрото кога ќе види девојката дека ја нема мартинката, тој ќе дојде кај неа и така ќе почне блискоста меѓу девојката и момчето. Или често момчето ќе го истури бокалот со вода што стои до мартинката, па девојката ќе се интересира кој и ја истурил водата, раскажува Узунски.

Тој објаснува дека мартинката треба да се носи на левата рака, но скриена никој да не ја гледа, а може да се стави околу вратот, но исто така да биде скриена под блузата за да не се гледа.

-Мартинката има за цел да нѐ штити и ако ја носиме, во текот на работата по полето сонцето нема да нѐ изгори. Мартинката се носи сѐ додека не се види првата ластовичка. Кога ќе се види, скришно се вади мартинката и се остава под каменче и се замислува одредена желба. Сега, почесто овој обичај се изведува на малите деца, вели Узунски.

Легендата за смрзнувањето на бабата со козите

Во народниот календар на Шопско-брегалничката етнографска целина, овој празник, речиси, секогаш се поврзува со приказната со познатиот мотив за смрзнувањето на бабата, која ги истерала своите кози и јариња на планина да пасат, неплашејќи се од студот.

-Постојат голем број народни преданија и верувања, а едно од нив вели дека месеците од годината претставуваат едно големо семејство во кое има браќа, но има една сестра. Официјана сестра на сечко е месецот март. Кога завршувал месецот сечко, една баба од селото, рекла дека ќе ги носи на пасење в планина своите кози и јариња, а некој ја сретнал и и рекол дека уште е сечко и не треба да оди в планина. Но, бабата самоуверена го исмејала и навредила и сечко и марта велејќи дека не им се плаши и дека времето ќе биде убаво. Но, навредата ја слушнал Сечко и отишол кај сестра му Марта за да побара уште три дена, бидејќи веќе ги потрошил своите денови од месецот. Баба Марта му рекла дека првиот ден нема да му го даде, бидејќи сите ѝ го празнуваат, но другите два ќе му ги даде. Во народот, тие денови се познати како бабите или замениците. Во тие денови, навистина, сечко успеал со својата силина да ја замрзне бабата, раскажува Узунски.

Патот на мартинките до УНЕСКО

Изработката и подарувањето мартинки на најблиските е традиција која во Република Македонија се почитува со стотици години. М-р Василка Димитровска, директор на ХАЕМУС, уште еднаш потсетува на обичајот поврзан со првиот ден на месецот март кој обединува повеќе делови од Балканот, како Македонија, Бугарија, Романија и Молдавија.

-На овој ден се подаруваат рачно направени амајлиии направени од црвен и бел конец. Овие амајлии се познати под многу имиња како: мартинки (Македонија), мартеница (Бугарија), мартишор во Романија и Моладавија. И покрај тоа што обичајот на дарување мартинки во УНЕСКО официјално е заведен под името „Културните практики поврзани со 1 Март”, сепак, мора да напоменеме дека овие пролетни традиции опфаќаат обичаи кои постоеле уште од антички времиња и го означуваат прославувањето на почетокот на пролетта. Според одредени археолошки докази, самата традиција на правење мартинки се смета дека е од претхристијанско потекло и таа се состои од изработка, подарување и носење на две нишки, црвена и бела, кои се испрепрелетуваат и се проследуваат со позитивни желби од страна на оној кој ја подарува мартинката. Потоа, кога ќе се види првото расцветано дрво, ластовица или штрк, мартинката се одврзува и со желбата на оној кој ја носи, се закачува на дрво или се става под камен, со што се затвора еден циклус во природата кој се однесува на овие пролетни обредни циклуси. Кај нас овој обичај уште се чува во Источна Македонија, посебно во Пијанец и делчевско, истакна Димитровска.

Еден од главните чинители во апликаците на УНЕСКО, особено кога се работи за нематеријално културно наследство е граѓанскиот сектор. За УНЕСКО, граѓанскиот или невладиниот сектор е од толку витално значење, што му се посветува подеднакво внимание, како и за сите други експертски работи, потенцира Димитровска.

– Важноста на ваквиот тип апликации во УНЕСКО е да се покаже поддршката од граѓанска организација и нејзино врмежување со државните институции, без која нема успешна и одобрена апликација во УНЕСКО за нематеријално културно наследство. Оттука, кога кон крајот на 2013 ни пристапија од Управата за заштита на културното наследство и од Институт за фолклор и нѐ замолија се вклучиме во тековната мултинационална апликација во УНЕСКО и да ја поддржиме со нашите активности, ние со радост се согласивме. Со самиот чин на давање на писмена поддршка во 2014, ХАЕМУС директно се вклучи во правниот процес на апликацијата во УНЕСКО под име „Културните обичаи поврзани со прославувањето на 1 Mарт”, кај нас познат како обичај на дарување мартинки, истакнува Димитровска.

Таа потсетува дека апликацијата претставувала многу сложен правен процес во УНЕСКО кој го потпишува Министерството за култура на една држава, го опфаќа и граѓанскиот сектор, но и државниот сектор, бидејќи не постои успешна апликација за нематеријално културно наследство во УНЕСКО доколку не се покаже вмрежување помеѓу секторите во обидот за зачувување на живата традиција.

-За да биде валидна апликацијата во УНЕСКО, своевремено покрај ХАЕМУС ја имаат поддржано и градот Струмица и градот Скопје и сите ние се имаме обврзано дека ќе го почитуваме и чуваме живото наследство на Македонија во сите облици кои ќе придонесат за негова поширока промоција. Секако, носители на ова нематеријално културно наследство се сите оние кои своеволно го практикуваат обичајот мартинки, вели Димитровска.

Нов живот на обичајот мартинките

Традиционалната манифестација „Среќна Баба Марта 2018“ оваа година се прави со поддршка од граѓанскиот, бизнис, но и од државниот сектор под мотото на УНЕСКО за Отворени образовни ресурси.

Заради социјалната инклузивност на манифестацијата, склучен е договор со компанијата „Една може“ и ангажирни се самохрани родители кои ќе бидат дел од настанот. Тие ќе се фокусираат најмногу на креативните детските работилници за правење на мартинки. Исто така во дел од активностите на манифестација се вклучи и издавачката куќа „Арс Ламина“, со изработка на изданија за деца со наслов „МАРТИНКИ: конци, плетки и црвено-бели сплетки“ на македонски, англиски и албански јазик, како и сокреативни работилници преку едукативниот центар „Арс Ламина“ и книжарниците Литература.мк.

-Би сакале да упатиме благодарност до Министерството за култура за поддршката на нашиот настан бидејќи ја покажува сериозноста на една држава во поглед на заштитата на определено културно добро на своја територија. Исто така, сме благодарни и на поддршката која ја добивме од градот Скопје, бидејќи на овој начин, тие ја вреднуваат и ја признаваат посебноста на овој обичај кој во меѓувреме стана нематеријално светско наследство на УНЕСКО, а за чија апликација и самите се носители, рече Димитровска.

Во мототo на ХАЕМУС е хедлајнот за отворен и бесплатен пристап на знаењето на интернет. Скоро сите наши настани се интерактивни, аудио-визуелно се снимаат и потоа се подигнуваат на интернет за да послужат како едукативен материјал, а во исто време да бидат достапни за сите заинтересирани, во согласност со политиките на УНЕСКО за Отворени образовни ресурси.

Обичајот мартинки на први март се слави и по делчевските училишта, посебно во пониските одделенија и во градинките. Традиционално овде повозрасна жена облечена во народна носија им дели мартинки на дечињата и при тоа им го раскажува нивното значење и пораката која ја оставиле старите за да се пренесува на младите и да се одржи наследството со силна магиска порака испреплетена како црвените и белите конци на мартинките.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *