На АП Криволак презентирани лесните тактички оклопни возила на „Oshkosh Defense“

На Армискиот полигон Криволак денеска беа презентирани моделите на лесните тактички оклопни возила на производителот „Oshkosh Defense“ за кои е планирано да станат составен дел од капацитетите на Армијата на Република Северна Македонија.

На презентацијата меѓу другите беа присутни и министерката за одбрана Радмила Шекеринска и заменик-началникот на Генералштабот генерал-мајор Азим Нуредин.

Заменик-началникот на ГШ на АРСМ нагласи дека еден од клучните фактори за модерна и ефикасна армија способна за извршување на мисијата од Уставот на РС Македонија и успешно извршување на мисиите во рамки на НАТО е опременоста.

– Генералштабот заедно со Министерството за одбрана навремено ги согледа потребите за модернизација и опремување на Армијата на РСМ што паралелно со проекциите за буџетот и планот за трансформација се правени проекции за потребните материјално-технички средства и борбена опрема. По полноправното членство во НАТО со добивање со пакетот на цели на способности и квалитативни цели јасно ги дефиниравме очекувањата и приоритетите за опремувањето и модернизацијата на Армијата, процес што се одвива и ќе се одвива согласно предвидената динамика, а врз основа на долгорочниот план за развој на одбранбените способности 2019-2028 и согласно Законот за јавни набавки во областа на одбраната и безбедноста, рече Нуредин.

Тој нагласи дека опремувањето со современи борбени возила од овој вид е од клучно значење за доизградба на постојните и за развивање на нови способности и капацитети во процесот на трансформацијата на Армијата на РСМ, како и постигнување на потребен степен на интероперабилност и компатибилност со вооружените сили на останатите земји членки на НАТО.

Како еден од поголемите капитални проекти, наведе Нуредин, е проектот за опремување на лесната пешадиска батаљонска група со лесни оклопни возила на тркала, со што единиците ќе ги подобрат своите способности за распоредливост, мобилност, маневар, заштита на персоналот и зголемување на огнената моќ на единиците.

– Врз основа на претходно споменатите долгорочниот план за развој на одбранбените способности и согласно Законот за јавни набавки во областа на одбраната и безбедноста во 2019 година Владата на РСМ и Владата на САД потпишаа Договор за набавка на 33 лесни оклопни возила на тркала од овој тип при што првите ги очекуваме веќе следната година, информираше Нуредин.

Тој соопшти дека е планирано опремување на единиците во состав на ЛПБГ во две фази при што во првата фаза до крајот на 2024 година со 151 лесно оклопно возило на тркала, а во следните три години уште 98 возила.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *