Колку има политички мандат во Бугарија да се донесе оваа одлука пред изборите, каде ќе биде Патоказот и која би била содржината на Патоказот – ова се трите суштински фактори. Нашиот пристап е дека сите карти се ставени за пробив во јуни, но овие три прашања ќе бидат клучни за исходот, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Во интервју за „360 степени“, шефот на дипломатијата не крие дека Бугарија бара Патоказот да биде дел од формалниот преговарачки процес на Северна Македонија, но вели дека на тоа се противат други земји членки на ЕУ, бидејќи евентуален преседан во македонскиот случај би можел да биде вовед во слични ситуации во иднина, во регион полн со билатерални спорови.
За заедничката посета на претседателите Стево Пендаровски и Румен Радев на Рим, смета дека е важен исчекор во создавање доверба и во нормализација на комуникацијата меѓу двете страни која, како што вели, очигледно беше влошена во изминатиот период. Таа средба, смета тој, имала симболика, но и суштина „зашто можеше отворено да се зборува за сите прашања и начини за надминување на блокадата“.
– Очигледно, единствено претседателот на Бугарија има целосен политички мандат, сите други институции имаат технички мандат поврзан со организирањето избори. Сепак, јас често велам дека техничката влада не е државна изборна комисија и може да донесе одлука за отворање на преговори, меѓутоа тука многу важен е претседателот Радев и оттука таа комуникација остварена во Рим беше многу важна и таа продолжува на сите нивоа – имаше комуникација меѓу премиерите, разменувавме одредени документи со министерот за надворешни работи, очекуваме наредните денови средба на премиерите и на министри и тука евентуално да се договори една динамика за искористување на овие 20 дена за да се најде решение, вели Османи во интервјуто.
На прашањето каква динамика се очекува – доаѓање до некаков документ за да се оствари пробив, шефот на дипломатијата одговара дека досега единствен е португалскиот предлог кој, вели „ние го оценивме како добра основа која ги адресира сензитивностите на сите три страни – нашата, на бугарската и на земјите членки на ЕУ кои имаат важен влог во овој процес, при што централен е патоказот кој треба да даде една предвидлвивост во спроведувањето на Договорот за добрососедство“.