Пендаровски и Радев на заедничко чествување на Свети Кирил и Методиј

Со посетата на базиликата „Санта Марија Маџоре“, претседателите на Северна Македонија и Бугарија, Стево Пендаровски и Румен Радев денеска заеднички ќе им оддадат почит на Светите браќа Кирил и Методиј. Двајцата претседатели ќе положат цвеќе пред пред спомен плочата во чест на Свети Кирил и Методиј. Тие ги предводат делегациите на двете земји во посетата на Рим и Ватикан во чест на сесловенските просветители.

Положувањето цвеќе во спомен на сесловенските просветители на плочите на македонски и бугарски јазик и воопшто заедничката посета и заедничкото патување со бугарски државен авион на двете делегации се оценува како чекор кон затоплување на климата меѓу двете земји и тоа во момент кога на маса е ставен португалскиот предлог за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија и за одблокирање на процесот на евроинтеграција на Северна Македонија.

Тоа ќе биде единствената заедничката активности на двајцата претседатели во чест на Свети Кирил и Методиј, а Пендаровски и Радев денеска по оддавањето почит на сесловенските проветители ќе имаат изјава за медиумите.

Шефот на државата Пендаровски, како што е најавено, денеска ќе има аудиенција кај поглаварот на Римокатоличката црквата, папата Франциск, а ќе оствари средба и со државниот секретар на Светата Столица, кардиналот Пјетро Паролин.  Потоа, претседателот Пендаровски во базиликата „Сан Клементе“ ќе положи цвеќе на гробот на Свети Кирил.

Пендаровски и Радев вчера на скопскиот аеродром имаа куса неформална средба , по што двете делегации, заедно со медиумските екипи со бугарскиот државен авион полетаа за Рим.

Како можност за обновување на дијалогот и довербата и за зајакнување на односите меѓу Северна Македонија и Бугарија во духот на Договорот за соработка, пријателство и добрососедство, го оценија Пендаровски и Радев заедничкото патување за Рим и Ватикан и заедничкото чествување на Светите браќа Кирил и Методиј.

Според Пендаровски, на кусата средба со Радев на скопскиот аеродром немало конкретен исход, туку била воведен разговор за престојните активности, но и за случувањата на релација Скопје-Софија изминатите денови.

Ретроспектива на она што се случувало изминатите два-три дена во Брисел направиле двајцата претседатели на средбата, но како што напомена Пендаровски оперативно разговорите за спорот ги водат владите на двете земји.

-Така ќе биде и понатаму, а ние сме тука за да ја релаксираме атмосферата, да говориме со еден поинаков јазик и да ја обновиме довербата, рече вчера Пендаровски.

Радев, пак, изрази благодарност до, како што кажа, неговиот колега и пријател Пендаровски за денешното гостопримство.

-Сакам да споделам дека заедничкото патување и оддавање почит на Светите браќа Кирил и Методиј е прекрасен повод да го обновиме дијалогот на нашите две земји на највисоко ниво и да ја изразиме нашата заедничка волја за развој на нашите односи во духот на соработката, пријателството и добрососедството, истакна бугарскиот претседател.

Пендаровски, пак, вчера по средбата со италијанскиот претседател Серџо Матарела изјави дека тој во овој момент е реалист и умерен оптимист. Одговарајќи на новинарски прашања во врска со обидите за пронаоѓање решение со Бугарија и одблокирање на почетокот на преговори на земјава со ЕУ информира дека сигурно наредните денови ќе достават предлози, кои ќе се базираат на акциските планови, секторската соработка, кои, како што рече, ги правевме и во ноември и во декември, ги доставуваме и до Брисел и до Софија.

Инаку, Радев пред заедничкото патување со Пендаровски во Брисел учествуваше на Самитот на Унијата. Тој најави дека се очекува во втората половина на јуни да има напредок по прашањето за европскиот пат и почетокот на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ, но дијалогот на највисоко работно ниво меѓу Софија и Скопје треба да продолжи што е можно поскоро.

– Многу ми е битно дали при тоа ќе бидат сочувани виталните македонски национални и државни интереси, дециден беше претседателот Пендаровски.

Ставот на Софија, кој во овој момент го формулира само претседателот Радев, бидејќи нема други функционални институции, истакна Пендаровски, е дека вратата не е затворена во однос на португалскиот предлог. Укажа дека тоа е се што знаеме во однос на ставот на Софија за португалскиот предлог.

– Ние сега бараме да почнеме со преговори, а понатаму низ годините можат буквално сите барање од тие нивни декларации и резолуции да ги стават на маса. Меѓутоа зборуваме да почнеме со процесот, изјави Пендаровски.

Во однос на мониторинг од страна на ЕУ за почитување на договореното, шефот на државата нагласи дека нема да има нов договор со Бугарија, а земјава нема никаков проблем со тој мониторинг.

За можноста за отворање посебно поглавје, кое би се однесувало на почитувањето на договореното, Пендаровски вели дека нема проблем со посебни поглавја, ниту со патокази и какви било други документи, но она за што е заинтересиран е нивната содржина, што пишува во нив.

– Можам да констатирам од мојата средба со Радев  и претходно другите контакти со него, неспорна е една работа, претседателот Радев зборува со сосема поинаква реторика од претходниците во бугарската Влада, министерот за одбрана, министерот за надворешни работи и се обидува да ја спушти топката и се обидува со културен речник да се обраќа. Тој се држи до суштинските бугарски барања, не не навредува, и тоа веќе кажува оти се работи за човек кој е сериозен, стабилен и не мисли да ќарува само политички поени со тоа што ќе навредува некој од соседите, рече шефот на државата Пендаровски.

Потсети дека во петокот шефот на португалската дипломатија Аугусто Сантош Силва и еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји најпрво во Софија, а потоа и во Скопје ги презентираа предлог решенијата за спорот.

Добрата работа во однос на тој нон пејпр, истакна Пендаровски, е што ниту една од страните не го отфрли, ниту Софија, ниту Скопје. Беше земен, подвлече, како сет на идеи за кои вреди да се разговара и понатаму тие да се развиваат.

Се осврна на тоа дека го објаснил сето тоа во негова поранешна изјава односно дека е важно да знаеме оти и понатаму разговорите околу преговарачката рамка за нас ќе се водат во ЕУ, меѓу земјите-членки.

– Ние ќе даваме свои предлози, идеи, амандмани, меѓутоа на крајот тие решаваат. Во декември минатата година Бугарија не се согласи со таа преговарачка рамка, но тоа беше комплетно форум на ЕУ и тука ние не сме присутни, рече Пендаровски.

Уште еднаш повтори дека на средбата со бугарскиот претседател Радев не разговарале во детали. Генералната слика, потенцира Пендаровски, е дека и на Бугарија и одговара Западниот Балкан и С Македонија да одат напред.

Во врска за гаранциите од ЕУ за тоа дали ќе се имплементира билатералниот договор, Пендаровски посочи дека Бугарија вели оти не се задоволни од темпото на имплементација. Ние, рече Пендаровски, немаме ништо против, трета страна, нека биде и ЕУ, да каже ние сега ќе штиклираме дали билатералниот договор по сите тие точки и обврски се имплементира.

– ЕК како независно тело, непристрасна кон ниту една од страните, да каже дали тој договор оди со задоволително темпо. Ние тврдиме дека многу работи од тој договор се имплементирани, меѓутоа не ни пречи воопшто да дојде трет човек од страна и да каже ниту ти, ниту ти, оваа е вистината, изјави во Рим шефот на државата.

Пендаровски информираше дека во нон пејперот Португалците предлагаат дека треба да постои роуд меп или патоказ, со тоа што тие предлагаат овој пат патоказот да биде имплементиран и надгледуван во рамки на Советот за стабилизација и асоцијација, а не во рамки на ЕК.

– Тука се разликуваме со нашите позиции, изјави Пендаровски и додаде оти смета дека тоа треба да остане во рамки на ЕК.

Во португалскиот предлог, појасни, постои друг детал што се однесува на истата работа.

– Има европски држави кои би биле заинтересирани да контрибуираат во Комисијата составена од историчари. Не како формални членови, како луѓе кои можеби би давале совети во однос на методологијата за работа. Отприлика ние ги знаеме кои земји би можеле да бидат, меѓутоа, ставот е ако воопшто двете страни се согласат да се приклучат такви луѓе на Комисијата, тоа мора да биде со взаемна согласност на двете страни. Тоа мора да бидат меѓународни експерти, можеме да се договориме и од која држава и конкретно по име и презиме, појаснува Пендаровски.

Претседателот на РС Македонија Стево Пендаровски изјави дека на средбата со неговиот италијански колега Серџо Матарела добиле целосна поддршка за нашите ЕУ интеграции и дека Италија ќе се заложи не само за С Македонија, туку и за целиот регион на Западен Балкан, кој предолго чека во чекалната на европските интеграции.

До крајот на оваа година, по 20 години, како што најави Пендаровски, во земјава во официјална посета по осамостојувањето треба ќе дојде шефот на италијанската држава.

Во рамки на заедничката посета на двајцата претседатели вчера во Рим директорите на Медумската информативна агенција – МИА и на Бугарската телеграфска агенција – БТА, Драган Антоновски и Кирил Волчев потпишаа Договор за размена на информации и професионална соработка.

Договорот беше потпишан во канцеларијата на делегацијата на Европската Унија во Рим, во присуство на претседателите на Северна Македонија и Бугарија, Стево Пендаровски и Румен Радев.

Договорот предвидува размена на информативните сервиси меѓу двете агенции, а согласно Договорот за пријателство, добрососедство и соработка МИА и БТА ќе преземат ефективни мерки во размената на информации за да избегнат злонамерна пропаганда и поттикнување насилство, омраза или други слични активности што би им наштетиле на односите на двете земји.

Антоновски по потпишувањето потенцира дека двете агенции со овој Договор се обврзале да преземат засилени активности во борба против лажните вести и манипулации.

МИА и БТА, нагласи Антоновски, ќе ја зајакнат соработката во насока на вистинско информирање на граѓаните, за да дознаат што навистина се случува во Северна Македонија и Бугарија.

Тој додаде дека мисијата на двете агенции ќе биде пред се уривањето на лагите, кои предизвикуваат штета во непречено унапредување на односите меѓу двете држави.

Директорот на БТА Волчев, изрази задоволство од потпишувањето на договорот за соработка меѓу двете агенции, напоменувајќи оти самиот чин на потпишување во рамки на одбележувањето на светите браќа Кирил и Методиј дава посебно значење во насока на промоција на писменоста од страна на медиумите.

-Ние од БТА и МИА сме должни според светските стандарди на информативните агенции да говориме на еден јазик, тоа е јазикот на фактите и вистината и да се бориме против лагата, истакна Волчев.

Додаде дека согласно Договорот предвидени се и професионални посети на новинари, вклучително и од двете агенции, радио и телевизиски презентери и други лица од областа на медиумската и информативната активност, кои ќе се реализираат од оваа есен.

Инаку, заедничкото патување и чествување на Свети Кирил и Методиј многумина и во земјава и во ЕУ ги оценија како добра можност за затоплување на односите меѓу двете земји. И самите претседателите на двете држави позитивно гледаат на ова патување, иако, како што напомена Пендаровски, тие не може формално да преговараат за спорот, бидејќи немаат такви задолженија.

Заедничкото патување вчера го поздрави и американската амбасадорка во земјава Кејт Брнз.

-Гледаме позитивен пат напред и задоволни сме од тековните разговори меѓу Северна Македонија и Бугарија за унапредување на членството на Северна Македонија во ЕУ, напиша на Твитер Брнз.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *