Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска изјави дека не е оптимист дека ќе има поместувања во позициите на Бугарија во однос на евроитеграцискиот процес на нашата земја.
-Не сум оптимист. Јас би сакал да е ова вистинито, но не сум оптимист. Бугарија нема да се помести ни милиметар, ако ние не ја прифатиме резолуцијата на нивниот Парламент, особено не пред избори, изјави Мицкоски денеска на средба со новинарите.
Според него, би можело да се случи нешто во таа смисла на декемврискиот самит на ЕУ односно по парламентарните избори во јули во Бугарија и потоа претседателските во октомври.
Мицкоски, одговарајќи на новинарки прашања, рече дека очекува работата во Собранието, како што кажа, да се заостри и оти „сите ќе се вратат во своите ровови“.
-Утре била закажана седницата на Комисијата за законот за државјанство. Заев рече дека ќе не информира, ќе не консултира, рече Мицкоски, кој додаде дека амандмани се поднесени за законот, но дека никој не отворил дебата со пратениците на ВМРО-ДПМНЕ за нив. Тој тврди дека опозициската партија не е консултирана за ништо во Собранието.
-Според тет-а-тет средбата што ја имавме (со премиерот Зоран Заев) договорот беше за се што ќе дојде во Парламент да се информира опозоцијата, рече Мицкоски.
Лидерот на опозициската партија исто така нагласи дека по никој основ законот за образование не смее да оди со европско знаменце.