Премиерот на Словенија, Јанез Јанша, попладнево одржа прес конференција во Европскиот Парламент на која доби прашање за наводниот словенечки нон пејпер во кој се споменува промена на границите на западниот Балкан. Јанша нагласи дека членството на земјите од западен Балкан треба да биде стратешка цел за ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.
За еден месец Словенија ќе го преземе кормилото на Европската Унија, денеска премиерот Јанша ги наброја приоритетите на неговата земја за време на претседавањето со ЕУ.
На новинарско прашање за наводниот словенечки нон пејпер кој циркулираше во Брисел пред неколку месеци, Јанша не кажа дали тој или неговата влада е автор на овој документ, но ја изложи словенечката позиција за ЕУ перспективата на западниот Балкан и проширувањето.
-Проширувањето на ЕУ е стратешки одговор за многу од тековните предизвици, рече словенечкиот премиер, кој одговараше на прашањата во Брисел преку видео врска од Љубљана.
За Словенија, кризите од последните години – економската, бегалската и здравствената, во ЕУ го симнаа проширувањето на дното на приоритетите, што остави простор за влијание од други големи сили на западниот Балкан и во други земји на истокот на ЕУ.
-Ако беше проширувањето повисоко во стратешките цели на ЕУ ќе бевме во подобра позиција, рече Јанша алудирајќи на ситуацијата во Белорусија меѓу другото и најави дека на шести октомври ќе се одржи и самит со лидерите од западен Балкан во Словенија за да се разговара директно со земјите на овие теми.
За словенечкиот премиер направени се неколку чекори во добар правец во однос на западниот Балкан, но не доволно и целта на словенечкото претседателство ќе биде да се оди напред со овој процес.
Што се однесува до промената на границите содржана во наводниот нон пејпер, Јанез Јанша изјави: -„Прашување како можеме да ги решиме проблемите околу границите, одговарам дека тоа е преку имање европска перспектива, ако дозволиме на некои земји да станат земји членки сите заедно во ЕУ, тие проблеми ќе исчезнат“.
Тој нагласи дека ова не може да се случи преку ноќ и дека за тоа е потребен консензус од сите земји на ЕУ.