Димитров – Која: Почетокот на пристапните преговори неопходен импулс за спроведување на реформите

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров денеска имаше средба со шефот на Мисијата на ОБСЕ во Северна Македонија, амбасадорот Клеменс Која, на која било разговарано за тековните состојби и приоритетите во процесот на демократизација и европеизација на македонското општество.

Посебен фокус бил ставен на областите каде ОБСЕ активно и во континуитет обезбедува поддршка како што се изборната реформа, обуките за полициските службеници, реформите во правосудството и друго.

Димитров ја нагласил важноста од активно учество во меѓународните и регионалните механизми на соработка заради обезбедување на глобалната сигурност и стабилност, што пак придонесува за унапредување на демократските процеси и зацврстување на владеењето на правото.

Од кабинетот на вицепремиерот информираат дека, Димитров ја подвлекол улогата на Мисијата на ОБСЕ во Северна Македонија во клучните области коишто се од значење за процесот на интеграција во ЕУ, како што се владеењето на правото, доброто владеење и демократското управување. Во овој контекст соговорниците се согласиле дека почетокот на пристапните преговори ќе го обезбеди неопходниот импулс за спроведување на реформите во земјата.

-Препораките на ОБСЕ/ОДИХР и наодите од изборниот и судскиот мониторинг се важни одредници за европските стандарди во поглавјата од владеењето на правото што го одредуваат напредокот во сите останати области, а придонесуваат и за зголемување на довербата на граѓаните во институциите, што за нас како Влада е најважниот индикатор за успешноста на јавните политики, изјави Димитров.

Соговорниците размениле мислења околу спроведувањето на активностите „Агенда: Европа дома“ со која се опфатени измените на изборното законодавство, борбата против корупција и слободата на изразување, како главни програмски области на Мисијата.

Амбасадорот Која посочи дека „Агенда: Европа дома“ е одличен механизам за насочување на реформите и задржување на фокусот на нашите приоритети.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *