Арсовски: Една М-Смарт картичката за ослободување од патарина на српските државјани чини 860 денари

Изработката на една М-Смарт Кард, што ќе им се дава на српските државјани врз основа на одлуката за ослободување од плаќање патарина за транзит низ земјава за време на летната сезона, чини сто денари и заедно со сумата од 760 денари колку што е вкупната сума на патарини за минување по Коридорот-10, вкупно трошок по една картична изнесува 860 денари, информира на денешната прес-конференција владиниот портпарол Душко Арсовски.

Во насока на ветувањето за ослободување на плаќање патарина во земјава на српските државјани за време на летната сезона, Владата на вчерашната седница ја разгледа и усвои Информацијата изготвена од Јавното претпријатие за државни патишта и Министерството за транспорт и врски, во врска со изготвување на електронски картички М-Смарт Кард за патнички моторни возила на туристи од Србија кои би транзитирале низ Коридорот 10 за време на летната сезона во периодот од 15 јуни до 15 август оваа година.

Владата го задолжи Министерството за финансии да префрли средства во износ од 172 милиони денари на нејзината смета за набавка на 200.000 М-Смарт картички, кои треба да ги испорача ЈП за државни. По завршување проектот, Јавното претпријатие за државни патишта е должно да ги врати на сметката на Буџетот евентуално неискористените средства.

Арсовски информира дека до бројката од 200.000 М-Смарт картички е дојдено врз основа на извршената анализа од 2019 година, кога се регистрирани рекореден приход од наплата на патарина и рекорден транзит на туристи.

Владата реши да ги ослободи српските државјани од патарина за транзит низ земјава во текот на ова лето во знак на добра волја поради донациите на вакцини против Ковид-19 од страна на Србија.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со истрагата за наводниот увоз на нафтени деривати опасни по здравјето на луѓето и животната средина, Арсовски нагласи дека надлежните институции на работен состанок ги презентирале досега преземените и идните планирани активности врз основа на добиените задолженија, по кои имаат рок за постапување од 14 дена.

– Владата е одлучна да го расчисти овој случај и нема да прави компромис кога е во прашање здравјето на луѓето и правото на граѓаните за здрава животоа средина, додаде Арсовски.