Шест години успешно членство на МД „Илинден“ во Федералната унија на европските националности

Македонското друштво „Илинден“-Тирана одбележува шест години од зачленувањето во Федералната унија на европските националности (ФУЕН), во која членуваат 120 здруженија на малцинствата од 35 земји.

-Пред шест години нашето друштво беше примено во семејството на претставниците на европските националности и стана рамноправен член на Федералната унија на европските националности (ФУЕН). Особена заслуга за нашето членство во ФЕУН има Македонското меѓународно движење за човекови права од Канада со претседателот Бил Николов, кое помогна нашето друштво да ја плати годишната членарина и да е рамноправен член во ова асоцијација, за што изразуваме благодарност, изјави за МИА, претседателот на друштвото Никола Ѓурѓај.

Додава дека рамноправен член на ФУЕН друштвото станало на конгресот на ФУЕН што се одржал 2015 година во Комотини, Грција, во организација на Федерацијата на западно – тракиските Турци во Европа, здружението на дипломирани студенти на западна Тракија и Партијата за пријателство, еднаквост, мир.

-Од тогаш до денес, Македонско друштво „Илинден”-Тирана дава голем придонес во евидентирањето и надминувањето на голем број прашања од интерес на Македонците во Албанија. Континуирано работи на заштитата на етничкиот, јазичниот, културниот идентитет и националните традиции на Македонците во Албанија. Покрај тоа, редовно учествуваше во овие шест години на сите конгреси на ФЕУН. Така, бевме присутни и активно партиципиравме во работата на конгресот во Вроцлав, Полска на 21 мај 2016, потоа во Клуж – Напоча, Романија на 20 мај 2017 година, како и на следниот Леуварден, Холандија, на 23 јуни 2018 година и на последниот конгрес одржан на 15 јуни 2019 година во Братислава, Словачка. Поради пандемијата со Ковид-19 во 2020 година Конгресот беше организиран онлајн, објаснува Ѓурѓај.

На сите овие собири, посочува тој, ние поднесовме резолуции чија содржина и намера беше подобрување на животот на Македонците во Албанија и сите беа усвоени од страна на ФУЕН.

-Истите потоа беа спратени до сите меѓународни институции кои се поврзани со проблемте на малцинствата, како и во државните институци на Албанија. Колку и дали овие резолуции придонесуваат за подобрување на положбата на Македонците во Албанија ќе биде следниот чекор кој ќе го преземеме на следниот конгрес на ФЕУН. Сепак за нас е многу значајно што друштво „Илинден“ во функција на рамноправен член во ФУЕН и како дел од работната група на словенските малцинства во Европа, активно го покренува прашањето за Македонците во Албанија на меѓународната сцена, не го крие задоволството првиот човек на друштвото, кое е формрано пред дванаесет години.

Тој во ова прилика упатува искрена благодарност до сите членки на Федералната унија на европските националности за соработката и разбирањето покажано за интересите на македонското малцинство во Албанија и најавува дека и натаму јасно и опстојно ќе работат за интересот и барањата на Македонците во Албанија.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *