Џафери – Мази: Процесот на проширување не треба постојано да се одложува

Претседателот на Собранието Талат Џафери и албанскиот главен преговарач за пристапување во ЕУ, Зеф Мази на денешната средба се согласиле дека Северна Македонија и Албанија споделуваат заеднички интереси на надворешно-политички план, во рамките на ЕУ и НАТО, регионалната соработка и посветеноста за сеопфатен развој на Западниот Балкан и оти нивната иднина е во ЕУ.

-За земјите од регионот не постои алтернатива, нивната иднина е во ЕУ. Процесот на проширување не треба постојано да се одложува и Унијата треба да понуди конкретни перспективи за европската интеграција, а пред сè, одржување на првите меѓувладини конференции за Република Северна Македонија и Република Албанија, со кои ќе го означиме формалниот старт на преговорите, заклучиле соговорниците.

Како што се наведува во соопштението од собраниската прес-служба, Џафери ги нагласил одличните односи меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија, со интензивен политички дијалог и соработка на сите нивоа и се заложил за натамошно продлабочување на соработката во бројни области од заемен интерес.

Претседателот на законодавниот дом се осврнал на внатрешните состојби во земјава, како и посветеноста за надминување на децениските спорови со Грција и Бугарија, што придонесе Северна Македонија да добие членство во НАТО и зелено светло од страна на Советот на Европската унија за отпочнување на преговори за членство во Европската унија. Како што се наведува во соопштението, на парламентарната дипломатија и улогата на Собранието во процесот на пристапување кон ЕУ, пред сè преку измените на законите и донесувањето на ново законодавство за реформските процеси.

Главниот преговарач Мази се осврнал на пристапните процеси на Албанија кон ЕУ и истакна дека ги следи и вреднува резултатите на Република Северна Македонија во процесот на европска интеграција. Тој, како што се наведува во соопштението, ја нагласи виталната улога на парламентите во спроведувањето надзор над владините чекори во преговорите и градењето на државните позиции во текот на преговорите. Мази изрази надеж дека по конституирањето на Собранието на Република Албанија, ќе продолжи успешната соработка меѓу парламентите на двете земји, бидејќи таа го помага процесот на евроинтеграција.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *