Заев – Куенка: Во Шпанија препознаено подобрувањето на институционалниот систем во С Македонија, продолжува поддршката на европскиот пат

Премиерот Зоран Заев, придружуван од вцепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров, во рамките на работната посета на Кралството Шпанија, како прв македонски премиер во посета на оваа земја, оствари средба со претседателката на Сенатот на Шпанија, Марија Пилар Љоп Куенка, соопшти владината прес-служба.

Премиерот Заев на средбата ја изразил благодарноста на Владата и на народот на Северна Македонија за поддршката што Шпанија ја давала постојано на евроатланскиот пат на нашата земја и која и во овој актуелен миг доаѓа до израз и со поддршката во процесот за пристапување во членство во ЕУ.

-Граѓаните на Северна Македонија се особено благодарни и вечно ќе го паметат гестот што го направи шпанскиот Сенат кога овозможи електронско гласање на Протоколот за ратификација на членството на Северна Македонија во НАТО, и тоа во исклучително драматични моменти на почетокот на пандемијата, истакнал премиерот Заев на средбата со Куенка.

Заев додал дека тој гест, како и поддршката на сите останати земји членки на НАТО, била охрабрување и за евроинтеграцискиот процес и за силната посветеност на земјата за негување и афирмација на европските вредностите и на реформи според европските стандарди, особено, како што нагласил, во сферата на владеењето на правото и борбата против корупцијата.

Претседателката на Сенатот на Кралството Шпанија Марија Пилар Љоп Куенка, пак, потенцирала дека  членовите на Сенатот ја препознале важноста на пристапувањето на Северна Македонија во членството во НАТО и затоа, како што рекла, со задоволство ги презеле сите пандемиски мерки за да обезбедат електронско гласање за да го затворат процесот на ратификација, по што следуваше и формалниот прием на земјата за членка во Алијансата.

Куенка истакнала дека Шпанија продолжува силно да ја поддржува Северна Македонија и на европскиот пат и дека се препознаени постигнувањата и резултати за подобрување на институционалниот систем во земјата, што, како што нагласила, е особено важно при интеграцијата во ЕУ.

Таа на средбата рекла и дека овие остварувања се резултати и на лидерството на земјата во овие четири години, особено, како што посочила, заради ангажманот на премиерот Заев.

-Преку договорот од Преспа и преку севкупната ваша домашна и меѓународна политика вие сте пример за моќта и важноста на дијалогот и кога е во прашање водење успешен дијалог, можеме да учиме од вас, порачала на средбата со премиерот Заев претседателката на Сенатот Куенка.

Во рамки на посетата на Сенатот на Кралството Шпанија, премиерот Заев и делегацијата ја посетиле историската библиотека на Сенатот каде што се изложени географски карти на Европа од 17 век на кои е презентиран поширокиот географски регион Македонија.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *