Премиерот Зоран Заев, придружуван од вцепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров, во рамките на работната посета на Кралството Шпанија, како прв македонски премиер во посета на оваа земја, оствари средба со претседателката на Сенатот на Шпанија, Марија Пилар Љоп Куенка, соопшти владината прес-служба.
Премиерот Заев на средбата ја изразил благодарноста на Владата и на народот на Северна Македонија за поддршката што Шпанија ја давала постојано на евроатланскиот пат на нашата земја и која и во овој актуелен миг доаѓа до израз и со поддршката во процесот за пристапување во членство во ЕУ.
Заев додал дека тој гест, како и поддршката на сите останати земји членки на НАТО, била охрабрување и за евроинтеграцискиот процес и за силната посветеност на земјата за негување и афирмација на европските вредностите и на реформи според европските стандарди, особено, како што нагласил, во сферата на владеењето на правото и борбата против корупцијата.
Куенка истакнала дека Шпанија продолжува силно да ја поддржува Северна Македонија и на европскиот пат и дека се препознаени постигнувањата и резултати за подобрување на институционалниот систем во земјата, што, како што нагласила, е особено важно при интеграцијата во ЕУ.
Таа на средбата рекла и дека овие остварувања се резултати и на лидерството на земјата во овие четири години, особено, како што посочила, заради ангажманот на премиерот Заев.
-Преку договорот од Преспа и преку севкупната ваша домашна и меѓународна политика вие сте пример за моќта и важноста на дијалогот и кога е во прашање водење успешен дијалог, можеме да учиме од вас, порачала на средбата со премиерот Заев претседателката на Сенатот Куенка.
Во рамки на посетата на Сенатот на Кралството Шпанија, премиерот Заев и делегацијата ја посетиле историската библиотека на Сенатот каде што се изложени географски карти на Европа од 17 век на кои е презентиран поширокиот географски регион Македонија.