Постои голем потенцијал за соработка со Грција

Верувам дека има многу потенцијал за соработка со Грција. Интерконекторот е важен, но е само еден од проектите на кои работиме, вели министерот за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија Насер Нуредини во разговор со дописничката на МИА од Атина и додава дека со грчките власти, споделуваат и дискутираат за различни пристапи за управување со цврстиот отпад, за циркуларната економија, но и за водите во Преспанското и Дојранското езеро и реката Вардар.

Нуредини, вчера во Атина учествуваше на панел дискусија за Европскиот зелен договор во рамките на шестиот Делфи економски форум, а на маргините оствари средби со неговиот грчки колега, министерот за животна средина и енергија на Грција Костас Скрекас и со советникот на грчкиот премиер задолжен за животна средина, енергија и циркуларна економија Јоргос Кремлис.

Вели дека и двете средби биле многу конструктивни, размениле мислења на различни теми, разговарале за дополнително проширување на соработката и потенцира дека се особено пријателски односите со Грција.

-Би можел да кажам дека имаме многу добра соработка меѓу двете земји. Веќе имаме неколку проекти што се во тек, едниот е интерконкеторот за природен гас од Грција, кој ќе ни помогне за диверзификација на нашите извори, не само од Бугарија, туку исто така и од Грција. Ова понатаму ќе ни помогне да работиме на енергетската диверзификација на земјата. Ова е само еден од проектите на кои работиме со Грција и е многу важен, бидејќи се префрламе на зелената енергетска стратегија во земјата. Ова е преодно решение за нас, а и ЕУ исто така особено го поддржува овој проект бидејќи ќе не оддалечи од јагленот, нешто што за жал ја загадува животната средина, но исто така сакаме да се ослободиме од него, согласно со новиот предлог од Ен-ди-си (NDC). Верувам дека има многу потенцијал за соработка со Грција, истакна Нуредини.

Додаде дека ова е само еден од проектите на кои работат двете земји, а постои дискусија и за различни пристапи за управување со цврстиот отпад, додека пак советникот на грчкиот премиер, на средбата, ја истакнал важноста на циркуларната економија, за што министерот вели дека грчката поддршка би била добредојдена особено во период кога до Собранието се предлагаат шест закони поврзани со управувањето со отпадот.

-Министерот Скрекас понуди целосна поддршка за законите што треба да ги усогласиме со директивите на ЕУ. Секако тие имаат искуство кое од моја страна е добредојдено, бидејќи можеме да научиме и изградиме наш човечки капитал, објаснува Нуредини.

На вчерашната панел дискусија, заедно со Нуредини и Скрекас учествуваше и извршниот потпретседател на ЕК Франс Тимерманс, кој рече дека земји како Грција и Северна Македонија се идеално поставени за во иднина да бидат центар за складирање на водород за целиот регион.

Министерот Нуредини, во разговор со дописничката на МИА од Атина, ја коментираа оваа идеја на Тимерманс, вели дека би можело да се спроведе пилот соработка, со оглед на тоа дека Северна Македонија ќе работи на обезбедување простор за складирање, но потребни се и европски средства.

-На потпретседателот на Европската комисија му реков дека Грција и Република Северна Македонија може да достават барање до Брисел за да добијат финансиска помош, вели Нуредини.

Уште една област за соработка се водите на двете езера што ги делат Северна Македонија и Грција, а како што објаснува министерот Нуредини за МИА во јуни ќе се одржи средба на високо ниво меѓу Грција, Албанија и Северна Македонија за да се разговара за повлекувањето на водата во Преспанското езеро.

-Експертите од нашите земји ќе разговараат и ќе ги споделат податоците, за да стигнеме до конечни резултати зошто, за жал со децении, ја губиме водата од езерото. Тоа не е нешто што се случува сега. Тоа е веќе со децении. Ова е одличен чекор напред за нашите три земји да работат заедно и да го решат тоа прашањето. Исто така говорејќи за езерата тука е и Дојранското езеро со кое треба заедно да управуваме, тоа е уште едно езеро што го делиме со нашите соседи, бидејќи ние сме тие кои го полниме со вода и се користи од двете страни, не само за туризам туку и за земјоделски потреби, вели Нуредини.

За реката Вардар, министерот за животна средина и просторно планирање изразува надеж дека наскоро ќе има прекуграничен проект од Интерег односно т меѓу Грција и Република Северна Македонија, за да се подобри квалитетот на водата на Вардар.