Северна Македонија и Република Чешка ја зајакнуваат билатералната соработка во делот на одбраната

Северна Македонија и Чешката Република, двете сојузници во НАТО, ќе ја зајакнуваат билатералната соработка во делот на одбраната. Министерот за одбрана на Чешката Република Лубомир Метнар кој е прв министер за одбрана на НАТО кој е во официјална посета на Скопје  по нашето членство во Алијансата, подвлече дека Северна Македонија за Република Чешка е многу битен партнер со кого традиционално имаат многу добри пријателски односи, а Западниот Балкан го сметаат за долготраен надворешно – политички прироитет.

Верувам дека вашето членство во Алијансата ќе ја зајакне стабилноста на целиот регион и сакам да потенцирам дека Република Чешка  го поддржува влезот на Северна Македонија во ЕУ. Како министер за одбрана гледам во иднина голем потенцијал во развојот на соработката на нашите вооружени сили, на нашите земји, на нашите индустрии и општо капацитетите за нашата заедничка соработка, рече Метнар. 

 Шекеринска потенцира дека во изминатите три години, навистина имавме многу интензивна одбранбена соработка со Прага, особено во делот на нашите служби за безбедност и разузнавање, кои веќе два пати беа директно поддржани од страна на своите чешки колеги, како и поддршка за зајакнување на АБХО-капацитетите како дел од нашите НАТО-цели на способности. Tаа упати две покани за учество на чешките вооружени сили на заеднички вежби со македонската армија на полигонот Криволак, и покана за заедничко користење на капацитетите на Центарот за односи со јавност во Скопје, којшто се трансформира во Центар за борба против лажните вести, нешто што се повеќе и повеќе го гледаме како дел од безбедносните проблеми. 

-Сакам да го изразам задоволството што Чешка понуди поддршка и во делот на одбранбеното планирање, но и во делот на справување со хибридните закани. На ваков начин со серија на заеднички активности навистина сметаме дека и нашата билатерална политичка и одбранбена соработка ќе биде поголема, рече Шекеринска.

По прес-конференцијата, Шекеринска, Метнар и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски потпишаа меморандум за разбирање помеѓу трите институции со кој се предвидува ремонт на еден дел од нашите хеликоптерски единици и во МО и во МВР. Според Шекеринска, тоа ќе ја подигне нашата борбена готовност, ќе ја засили нашата билатерална соработка, но ќе ги зголеми во исто време и капацитетите армиски, полициски за справување со кризни ситуации. 

Метнар изрази задоволство што Северна Македонија ја избра токму Чешка за ремонт и модернизација на хеликоптерите, затоа што Чешка има, рече, вооружена индустрија со голема историја и изрази уверување дека дипломатската криза меѓу Република Чешка и Руската Федерација нема да има влијание во реализацијата на овој проект.

Минатата година Владата на Република Чешка одобри финансиски средства за помош на Северна Македонија во областа на противхемиската заштита, со опрема за противхемиска заштита, а средства ќе бидат вложени и во обезбедување на заштита на информации, согласно НАТО стандардите. 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *