Заев – Тимерманс: Силна поддршка за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ

Силна поддршка за почеток на преговорите и честитки за Северна Македонија за лидерството во вложувањата во обновливи извори на енергија била искажана на средбата на премиерот Зоран Заев и членовите на македонската делегација, вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров, министерот за надворешни работи Бујар Османи и шефицата на Постојаната мисија на Северна Македонија во ЕУ Агнеза Руси-Поповска со извршниот потпретседател на Европската Комисија Франс Тимерманс во Брисел, соопшти владината прес-служба.

Премиерот Заев на состанокот изрази благодарност за поддршката на потпретседателот на ЕК Тимерманс за почеток на пристапните разговори со Северна Македонија и додаде дека нашата земја, како и Западен Балкан, се дел од иднината на Европската Унија и дека тоа прашање не трпи одлагање.Во срдечната и пријателска атмосфера на средбата потпретседателот на ЕК Тимерманс, како што стои во соопштението, изрази честитки за лидерството и за сѐ што беше направено за напредокот и демократската и реформска трансформација на Северна Македонија во изминатите неколку години и нагласи дека останува цврсто на неговата лична и институционална заложба за почеток на завршниот дел од процесот за членство на Северна Македонија во ЕУ.

Соговорниците на состанокот се согласија дека во овој процес не треба да има одвојување од Албанија  и  оти и Северна Македонија ги исполни сите услови да ги почне преговорите што беше потврдено и во извештаите на ЕК за безусловен старт на преговорите.

На средбата, како што е наведено во соопштението од владината прес-служба, стана збор и за пост-ковид периодот и за поддршката на регионот и на нашата земја во фазата за социо-економско закрепнување, при што потпретседателот на ЕК Тимерманс како посебен успех на Северна Македонија го издвои лидерството во вложувањата во обновливи извори на енергија што претставува сериозен влог на државата во проектите кои од ЕУ ќе добијат финансиска помош преку Економско инвестицискиот план и ИПА програмата вредна девет милијарди евра грантова помош и дополнителни 20 милијарди поволни кредити за инфраструктурни и други проекти во регионот.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *