Премиерот Заев се вакцинираше против коронавирусот

Премиерот Зоран Заев денеска на вакциналниот пункт во спортската сала „Борис Трајковски“ се вакцинираше против коронавирусот со вакцина од кинескиот производител „Синофарм“.

-Ја примив првата доза од вакцината Синофарм, односно онаа што беше на располагање кога ми дојде мене редот согласно Националниот план за вакцинација. Се чувствувам одлично и ќе ја продолжам мојата дневна работна агенда во денешните поладневни часови, рече Заев по вакцинирањето.

Премиерот верува дека со дозите вакцини што пристигнаа минатата седмица, како и со сите договорени и потврдени количини што треба да пристигнат во претстојниот период, дека е можно до почетокот на летото да имаме висок процент население кое ќе биде вакцинирано, што ќе придонесе за целосно менување на сликата на епидемијата кај нас.

Тој ги охрабри сите граѓани сите кои досега не се пријавиле за вакцинација на веб страницата вакцинација.мк, да го напрат тоа што поскоро и со тоа, како што нагласи, да си го обезбедат единствениот ефикасен начин за заштита од коронавирусот.

-Вакцините се безбедни, проверени тестирани и навистина колку побрзо заврши процесот на имунизација толку побрзо ќе заврши борбата со овој невидлив непријател пандемијата од Ковид-19. Важно е масовно да се учествува во процесот за имунизација за да се промени целокупната слика на епидемијата во позитивна смисла и полека да го постигнеме колективниот имунитет, рече премиерот Заев.

Тој потсети дека по примерот на вакциналниот пункт во салата „Борис Трајковски“ Владата и МЗ во соработка со општините отворија регионални пунктови за масовна вакцинација во Битола, Охрид, Штип, Кавадарци, Тетово и Куманово, а најави дека набрзо ќе бидат отворени и вакцинални пунктови во Велес и Прилеп.

Заев нагласи дека процесот на вакцинација треба да е придружуван со натамошно почитување на личните мерки за заштита се додека епидемиолозите не донесат поинакви препораки.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *