Симулација на седница на Совет за безбедност во организација на Претседателскиот центар за политичко образование

Студенти на Катедрата по меѓународни односи на Филозофскиот факултет при УКИМ, денеска одржаа симулација на седница на Совет за безбедност, во организација на Претседателскиот центар за политичко образование, со поддршка од партнерската фондација „Фридрих Еберт“.

Како што соопшти кабинетот на шефот на државата, во симулацијата учествуваа девет студенти и секој од нив беше во улога на член на Советот за безбедност.  Темата на дискусија беше „Заштита на животната средина и аерозагадувањето“, а двајца од студентите го претставуваа Министерот за животна средина и просторно планирање, и поранешениот директор на Државниот инспекторат за животна средина. Претседателот Стево Пендаровски учествуваше во симулацијата и ја водеше како редовна седница на Советот за безбедност.

– Целта на симулацијата е да се доближи работата на институциите кон младите кадри и практично да се запознаат со процедурите на функционирање на државните органи и тела, порача претседателот Пендаровски.

Пред студентите, претседателот на Републиката ја образложи улогата на Советот за безбедност, неговиот состав и работа, додавајќи дека најчестите теми на Советот досега биле политичката и безбедносната состојба во државата.

– Бидејќи институциите работат за интересите на граѓаните, за прв пат на седница на Советот за безбедност разговаравме и за животната средина на која присуствуваа и претставници од невладиниот сектор. Здравствената криза, пандемијата, вакцините, лажните вести беа, исто така, теми на Советот за безбедност изминатиов период, рече претседателот Пендаровски.

Во насока на автентично изведување на настанот, студентите добија материјали и информации и беа запознаени со одредбите на Законот за класифицирани информации и со безбедносните сертификати.