ОЈО истражува кој е одговорен за злоупотребуваните штитенички

Истрагата на Обвинителството ќе покаже кон кого и за што ќе се покренат обвиненија во случајот со злоупотребуваните штитенички од Домот „25-ти Мај“. Случајот со 13 -годишната ромска девојка Р.И. која останала бремена поради сексуално злоставување, најверојатно не е единствен меѓу штитеничките во Домот. Европскиот центар за права на Ромите (ЕРРЦ), вчера објави дека добил слични сведочења за сексуално злоставување од две сестри Ромки, кои, исто така, биле штитенички во овој дом.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска потсети дека за ова, Министерството направило детален инспекциски надзор и на установата „25 Мај“ и на центрите за социјална работа.

– Против 12 лица е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство, а дополнително се поднесени 12 прекршочни и дисциплински постапки до Центарот за социјална работа, рече вчера Царовска одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција во Владата.

Владата и МТСП, според неа, се залагаат за брза трансформација и на „25 Мај“ и на „Ранка Милановиќ“ како институции кои, како што рече, биле запуштени во изминатите 10 години и од што денеска само се гледаат резултатите.

ЕРРЦ, како што објави, добил слични сведочења за сексуално злоставување од две сестри Ромки, кои, исто така, биле штитенички во Домот „25 мај“.

Имено, В.А. (16) и Л.А. (13), често пати исчезнувале од Домот и нивните исчезнувања не биле пријавувани во полиција или кај родителите.

Според нивните искази, постар маж ги земал од Домот за згрижување и ги однел кај Старата железничка станица во Скопје, каде сексуално ги злоставил.

Од ЕРРЦ велат дека нивната мајка го пријавила случајот во полиција и ги однела на гинеколог, кој заклучил дека девојките навистина биле жртви на сексуално насилство.

Адвокатката Сенада Али од ЕРРЦ, за МИА изјави дека Центарот ги поддржува родителите на трите сексуално злоставувани девојки во покренување на судска постапка против Домот „25 Мај“, Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, како и против МТСП.

Директорот на првата детска амбасада во светот Меѓаши, Драги Змијанац, апелира Владата да донесе законско решение според кое нема да има застарување на кривично дело „полов напад врз дете кое нема наполнето 14 години“.

Само во тој случај, вели, доколку се открие преку сведоштво на поранешни штитенички од установите, како „25 Мај“, кои во континуитет биле тргувани и сексуално злоупотребувани ќе може да се поведе кривична одговорност и за овие дела од минатото.

Половина од децата во светот искусиле физичко, психолошко или сексуално насилство. Насилството врз децата е глобален проблем присустен во сите земји, и кај богатите, но и кај сиромашните семејства.  Затоа е потребно фокусирање на овој проблем, како и на проблемот со сиромаштија кај децата,  и заедничка борба на граѓанскиот сектор, институциите и религиските заедници, беше истакнато на меѓународната конференција насловена „Крај на детската сиромаштија и насилството врз децата“ во организација на Првата детска амбасада во светот Меѓаши.

Според Фред Нијабера од Аригато интернационал од Најроби, Кенија, кој е и директор на Иницијативата за крај на детската сиромаштија, потребен е тристран пристап во справување со овие проблеми.

Прво, рече, треба да се види каде се пропустите и проблемите, потоа тие да бидат мотив за менување на политиките за решавање на проблемот, како и воспоставување социјални промени.