Промоторите на Македонската православна црква „Свети Климент Охридски“ од Торонто

Во 2020 година се навршија 55 години од осветувањето на првата македонска православна црква “Свети Климент Охридски“ во Канада, стожерот на најголемиот број активности што Македонците ги развиваат во Торонто и пошироко и претставува мотив повеќе за изразување на љубовта и почитта кон родната земја Македонија. 

Затоа, во наредните продолженија ќе бидат претставени македонски секции кои имаат посебно место во културно-образовните процеси на Македонската православна црква „Свети Климент Охридски“ од Торонто. Меѓу нив се:

„МАКЕДОНКА“

 

Во изминатите години, стотици илјади Македонци дошле на поклонение во светиот дом “Св. Климент Охридски”, дел од нив беа членови на управата, или пак членови на некоја од повеќето секции, групи, друштва, хорови, училишта…

Така, уште во првите години од формирањето на црквата “Св. Климент Охридски”, веќе почна да се разгрнува една интересна активност на повеќе полиња, со што беа следени желбите на Македонците да се собираат, да се дружат и да покажат и да докажат дека Македонците во Канада имаат вистинско богатство од традиции и култура.

Тоа се случи во првата недела од април на 1969 година во просториите на црквата да се соберат група момчиња и девојчиња од македонско потекло и заедно сите тие вљубеници во фолк-музиката и во орото, да формираат македонска фолклорна група при “Свети Климент Охридски”. Тоа беше и првпат, вака спонтано, а многу решително, да се поттикне идејата за формирање на еден ваков фолклорен ансамбл, кој бара многу работа, истрајност и залагање.

Секако дека големата желба беше преточена во раѓањето на новата група. Уште на самиот почеток тогашниот потпретседател на црквата Филип Ангелковски како искусен музичар и професор, со обете раце ја поддржа оваа идеја, нагласувајќи дека еден ваков состав е добредојден и потребен. Ангелковски стана и првиот главен и одговорен уметнички раководител.

На општо задоволство се прифати предлогот групата да работи аматерски, а сиот остварен приход да влегува во касата на Општината, каде што младите ќе ги имаат сите услови за работа и за докажување. За главен корепетитор и кореограф беше одреден еден од втемелувачите и најверни членови, Алек Петличков. Во Управата влегоа: претседател – Владо Шуковски, негов заменик -Тами Папаганис, секретар – Елизабета Пиљурева и благајник -Дајана Ману.

Тоа беше почетокот. А на 25 октомври 1969 година во големата сала на “Св. Климент Охридски” фолклорната група првпат и се претстави на публиката и таа вечер собра многу аплаузи и комплименти од присутните.

КУД “Македонка” го избра најубавото име и во сиве години постигна огромни резултати, а низ нејзините ансамбли поминаа стотици момчиња и девојки Македонки наши синови и ќерки кои најдостојно го афирмираа името македонско.

Тие од многу гостувања во Канада, во Македонија, во Америка и во Австралија на други места се вратија со највисоки признанија, освоени први места и скапи трофеи.

Водени од мудрата рака на кореографот и учител Александар (Алек) Петличков, членовите на “Македонка” насекаде ги освоија срцата, и кога играа и пееја; првпат во 1971 година во татковината, пред публиката во Порторико во 1982 година, на концерти, собири, фестивали и на карваните во Торонто, Отава, Скопје, Битола, Кливленд, Охрид, Детроит, Њу Џерси, Виндзор, Бафало, Колумбос, Мелбурн и каде се’ не на други места.

Колку ли аплаузи измамија, колку ли воздишки и солзи радосници побудија играорците кога онака младешки полетно и патриотски силно, ги разлеваа “Тешкото”, “Повардарка”, сплетот игри од егејскиот дел на Македонија, кога и публиката ракоплескаше под ритамот на прекрасните звуци и чекори на момчињата и девојките.

Тогаш не се жалат силите, туку се дава се’ од себе за еднаш и уште еднаш на – бис! да го одиграат “Буфчанското оро” или да ја запеат “Дивна мома мамо град градила”, да ја одиграат “Драчевка”. А, такви моменти има безброј. И на “Илинденските денови” во Битола, на средбите во Трново под Пелистер, во Преспа на кејот кај Камениот мост во Скопје, на големиот спектакл “Оро македонско” во Торонто, на “Карванот на нациите” и уште на стотици и стотици концерти.

Неуморен е од првиот ден учителот и кореограф Алек Петличков и многуте други членови на ансамблот и на управата што ја водеа “Македонка” во сиве изминати години.

Меѓу нив, во првите триесет години посебно место им припаѓа на следните личности:

Виолета Андоновски, Лилјана Дафоска, Хелен Дамчев, Мари Дамчев, Анги Димов, Лена Димов, Ило Димовски, Кристина Гивенс, Љупчо Гудов, Лела Гушев, Маријана Христовска, Мари Казиева, Софи Казиева, Весна Костич, Карол Костов, Никола Козовски, Џон Лазаревски, Ловиса Липановски, Ане Малеганеас, Воула Мангос, Тони Марковски, Францис Мориховитис, Софи Мориховитис, Рашо Мојсоски, Елизабет Наумовски, Љуба Нешков, Стив Никоу, Сузан Ничовски, Мари Пеиос, Алекс Петличков, Луис Петревски, Хелен Ристевски, Лори Ристевски, Васко Шарков, Томе Сарковски, Хелен Сфетико, Ник Спасевски, Суи Стериовски, Линда Стоетес, Тања Стојановски, Владо Шуковски, Софи Темов, Џорџ Вронцес, Мари Ане Вронцес, пејачката Перса Гиневска и музичарите Филип Ангеловски, Кире Велков, Џими Наумовски, Крис Кодовски, Гоце Крстевски, Нане Тодоровски, Борис Крстевски, Ник Тодоровски.

Неуморно бешее раководство со настојувањето да го одржи и да го покренува уште повеќе реномето, зашто КУД “Македонка” е веќе заштитен знак, тоа е, гордост и репрезент на “Св. Климент Охридски”, но, тоа е и амбасадор на Македонија, која го афирмира и го презентира богатото фолклорно наследство во Канада и во светот. Успешиниот пат продолжува и натаму, младоста со успех чекори напред.

НЕДЕЛНОТО УЧИЛИШТЕ НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК

Македонскиот јазик има своја долга историја. Уште во IX век, врз основа на еден од македонските дијалекти, на оној што се зборувал околу Солун, е создаден првиот литературен словенски јазик. Тоа е старословенскиот литературен јазик на кој темелите му ги поставиле браќата Свети Кирил и Методиј. Тој јазик го употребувале со векови и други народи (бутарскиот, српскиот рускиот и др ), внесувајќи во него елементи од своите народни јазици.

Процесот на употребата на македонскиот јазик во литературата бил многу побавен и потежок отколку кај другите јужнословенски јазици, поради специфичните услови во кои се развивал македонскиот народ до своето конечно ослободување, во својата историја бил најдолго време под ропство.

Елементи од македонскиот народен говор почнуваат да влегуваат пошироко во делата со црковна содржина (дамаскини) во XVII век. Во XIX век, во времето на македонската национална преродба, се појавуваат писатели кои пишуваат на македонски јазик (Константин Миладинов, Григор Прличев, Рајко Жинзифов, Јордан Хаџи Константинов-Џинот и др).

Подоцна, а посебно меѓу двете светски војни, се појавуваат писатели кои пишуваат на чист македонски јазик, земајќи го за основа на литературниот јазик, централното македонско наречје: прилепскиот, велешкиот и битолскиот говор, во што извршил големо влијание Крсте Петков Мисирков.

Особено со своите драми од народниот живот се истакнале Војдан Чернодрински со “Македонска крвава свадба”, Антон Панов со “Печалбари”, Васил Иљоски со “Чорбаџи Теодос” и Ристо Крле со “Парите се отепувачка”, a co својата поезија Кочо Рацин со “Бели мугри”, Коле Неделковски со “Молскавици” и др.

Македонскиот јазик не само што се употребува во Македонија, туку тој претставува средство за комуницирање и среде македонското иселеништво. Во црквата “Св. Климент Охридски”

во Торонто, особено во дополнителното училиште на македонски јазик се продолжуваат традициите за негување на мајчиниот јазик. Затоа грижата за најмладата генерација, за милите деца, е дел од работата на управите на црковната општина.

Посебно не се штедат силите и времето кога е во прашање долгот што го имаат сите, а тоа е македонската младост да го учи, да го научи и да зборува, да пишува и да чита на мајчиниот македонски јазик. Тие навистина го научуваат и го паметат јазикот на своите татковци, мајки и дедовци, донесен од Македонија во новата демократска канадска средина.

На тој начин, дечињата ги паметат и се гордеат со своето потекло со своите корени и секогаш се блиску и најблиску до татковата Македонија, учејќи ја историјата, учејќи ја географијата, дознавајќи што повеќе за македонските револуционери, востанија, борби, за македонските реки, езера, планини, села и градови.

Така, ќе научат, ќе дознаат и ќе запаметат многу повеќе за својот род. Ќе знаат колку е скапа слободата, колку беше исчекувана и со каква радост дочекана денешната самостојна држава Република Македонија.

Децата се големата радост, гордост, надеж, постоење и иднина. И сите досегашни учители со огромен жар и љубов работеа и ги учеа, ги воспитуваа и ги образуваа најмладите. Повеќето од тие што работеа во училиштето навистина направија речиси пионерски, восхитувачки резултати, меѓу кои посебно место има наставникот Благица Дафовска, која од почетокот до денас е со децата.

Кога излегуваат од училишните клупи дечињата знаат за македонското име, постоење, култура, обичаи. За се’ она што е Македонија како заедничка татковина. Пресреќни и презадоволни дечињата велат дека Македонија во срцата свои ја носат, неизмерно ја љубат и најубавите песни  ги пејат.

Досегашните учители во неделното училиште при црквата “Св. Климент Охридски” биле: попадијата Тодорка Попова, Љулчо Спасевски, Благица Дафовска, Алексо Стојановски, Никола Стојановски, Бисера Микаровска, Фана Плетерска, Невена Аџиевска, Менка Кринчевска, Славка Хофман, Стефан Крушевски, Марија Цонева и други

ЦРКОВНИОТ ХОР 

Побогати се богослужбите и поубави се прославите кога на нив доаѓа и учествува и Црковниот хор. Неговите членови пејат од срце, пејат со многу љубов и желба и за Велигденските и за Божикните празници, за патронатниот празник на црквата, а и за време одржувањето на другите значајни настани и приредби. Доброволно, искрено и секогаш готови се за да приредат најубави мигови и даваат се’ од себе, така да биде и да и се допаднат на публиката и на присутните.

Формирањето на Црковниот хор потекнува уште од годините на изградбата на Црквата. Меѓутоа, повеќе години тој работи во поширок состав и во него членуваат петнаесеттина хористи, кои се аматери и волонтерски ја вршат таа работа, a сепак, нивното пеење е професионално.

Големи заслуги за формирањето на црковниот хор има Евгенија Кордиќ, долгогодишен диригент и раководител. Потоа хорот започна даго води професорот по музика Филип Ангеловски, а во него, покрај постарите пејачи: Елка Георгиевска. Менка Гаџовска, Цена Гивенс, Сандра Стојковска, Драги и Вера Чумандра, Љубица Кожовска, Јосиф Ничевски, Љуба Терзиева, Спиро Мангов имногу други, членуваа и познатите интерпретатори на народната песна, Фана Шомова, Славка Младеновска и Мирјана Златкова. Од април 1993 година во хорот е избрана нова управа и тоа: претседател е Петре Костенчев, потпретседател е Ристо Димитровски, а секретар е Вера Чумандра.

Благодарение на упорноста на бројните членови и на диригентот Филип Ангелковски и хорот постигнува значајни резултати. Во последно време хористите продолжија уште позасилено да подготвуваат нови дела и нова програма, со што се очекува нивната улога да биде поголема, а успесите позабележителни.

Овие членови ја продолжуваат работата во хорот, а тоа се: Филип Ангелковски, сегашен диригент на хорот, Драги Чумандра, Драгица и Петар Ристевска, Елка Георгиевска, Фана Шомова Лозан, Јосиф Ничевски, Џоан Џонс, Љубица Кожовска, Љуба и Здравко Терзиевски, Љуба Осмакова, Лефтерија Георгијадис, Менка Гаџовска, Мариа Дика, Перо Ристевски, Петре Костенчев, Ристо Димитровски. Рада Доновска, Рајна Поповска, Софи Првуловиќ, Стефо Капоа, Спиро Мангов, Севда Димитровска Шмит, Славка Младеновска, Слободан Јовановски, Тања Ѓорѓевиќ, Васа Марковска, Вера Чумандра, Зара и Ана Мојсовска, Здравко Терзиовски, Зорица Анастасиевиќ.

Хорот во тоа време имаше 30 редовни членови и секој понеделник тие доаѓаа на закажаните проби.

Исто така, членови на Црковниот хор биле: Аница Кркински, Драги Начевски, Алек Кркински, Доле Георгиевски, Симо Темовски, Норман Арнандов, Џон Христов, Стив Мандел, Џорџ Дронов, Бил Бранов, Симе Маутев, Стив Нешевиќ, Лефи Нешевиќ, Мица Темовска, Љуба Каркинска, Љуба Стојановска, Тинка Стојановска, Вера Нешевска и други.

Продолжува

1slave 2 Пишува: СЛАВЕ КАТИН    

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *