НИЗ СТРАНИЦИТЕ НА ДЕЛОТО „МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЧКИ ПЕЧАТ“ ОД СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ – КАТИН

Информативните гласила во македонска дијаспора во голем број случаи го носат името “Македонија”, кое јасно говори за нивната силна врска со нивната дедовска земја, етничка Македонија, додека одреден број гласила го носат името на некои историски настан или личности.

.Со името “Македонија” во Австралија, Канада, САД и Европската Унија има педесетина гласила чии содржини вклучуваат културни и историски настани, Тие настојуваат да ги разбудат патриотските чувства кај читателите и, уште поважно што тоа е еден од начините за поддршка на Македонија.

Публикацијата “Македонскиот иселенички печат“, (НИО „Студентски збор“, Скопје, 1993, 1-254. (на македонски) чиј автор е Славе Николовски-Катин е прв обид за дело од ваков вид во Македонија и има за цел да ја пополни празнината во историската анализа на печатот на македонските иселеници во Австралија. Оваа дело има за цел да ја збогати новинарската историографија, која во последните неколку децении е широко развиена кај Македонците на петтиот континент.

Инаку, појавата на македонскиот иселенички печат во Австралија е израз на долготрајната макотрпна борба на македонските доселеници (без разлика од кој дел на Македонија дошле), за афирмација на својот национален идентитет и на дедовската земја Македонија. Македонците на петтиот континент секаде и во секоја пригода го истакнуваат македонското битие, изразено преку сопствената, богата, културна, национална и духовна историја.

Во таа насока се и настојувањата на авторот да ги претстави хронолошки по години информативните гласила пред читателите, да ја прикаже љубота на Македонците кон пишаниот збор, вистината на информирањето, постигнатите резултати на полето на новинарството и публицистиката и со еден аналитички пристап да се претстави историскиот развој на новинарската дејност кај Македонците во Австралија.
Делото “Македонскиот иселенички печат” на Славе Катин е резултат на авторовата долгогодишна истражувачка работа во областа на печатот и новинарството и публицистичките достигнувања на македонските иселеници во прекуокеанските земји – Австралија, Канада и Соединетите Американски Држави, како и во голем број европски земји. Таа е подготвена да го претстави печатот на Македонците надвор од нивната татковина, за периодот од 1945 година, односно до конституирањето на НР Македонија од 1992 година, времето кога Македонија стана самостојна суверена и независна држава.

Улогата на средствата за јавно информирање е незаменлива во продолжувањето на културните традиции на македонските доселеници во англосаксонскиот свет. Тие настојуваат целосно да го запознаат читателот, слушателот, и гледачот со македонскиот јазик, културата, историјата, фолклорот, обичаите и со други карактеристики донесени од стариот крај.
Во подготвувањето на публикацијата „Македонскиот иселенички печат“  се користени информативни гласила, публикации, научни трудиви, писма, разговори, извештаи и друг вид материјал, како и фондовите за иселеништвото кои се наоѓаат во Архивот на Македонија, Матицата на иселениците од Македонија, во Министерството за односи со странство, Универзитетската библиотека „Свети Климент Охридски“ и други институции, како и приватни архиви на иселеници ширум светот.

Притоа, најзначајна беше личната архива на авторот на публикацијава, Славе Катин, која тој најчесто ја собираше при посетата и престојот во Австралија, Канада, САД и бројни европски земји, а која се наоѓа во Архивот на Македонија и е подарок на македонскиот народ и на Македонија.
Оваа публикација не претендира на исцрпност, туку, напротив таа само ги поткрепува наводите и констатациите изречени при третирањето на одделни прашања за значењето на книгата за развојниот пат на македонскиот иселанички печат и новинарството надвор од Македонија. Затоа секоја добронамерна сугестија на читателите посебно ќе биде корисна во дополнувањето на нејзината содржина.

Публикацијата „Македонскиот иселенички печат” има за цел да пополни извесна празнина во историографската анализа на печатот во иселеништвото. Нејзиното објавување само ја збогатува и онака оскудната литература од оваа област, која во последните децении е широко развиена сред Македонците во светот.

Авторот на оваа публикација Славе Катин ја изразува својата благодарност на рецензентите д-р Боро Мокров и д-р Весна Шопар, како и на сите колеги, пријатели и голем број иселеници кои помогнаа во наоѓањето материјали, весници, списанија и друга литература, или дадоа сугестии за подобрување на формата и содржината на текстовите и на публикацијата во целина.

Посебна благодарност авторот им изразува на издавачот „Студентски збор“ од Скопје и почитуваниот директор и учител во новинарството, Насте Стојкоски, потоа на поранешниот дипломат во Австралија, Ванчо Андонов, за неговото дело „Македонците во Австралија“ (Култура, Скопје, 1973 година), и на проф.д-р Томе Груевски за неговото дело „Јавното информирање во Македонија“ (Студентски збор, Скопје, 1991 година, како и на Министерствата за образование и наука и Министерство за информации, за нивното разбирање и помош за печатењето на оваа публикација. Исто така, голема благодарност  на бројни автори од иселеништвото, чиј дела се користени, како и на многу добронамерници и вљубеници во македонскиот печат и новинарството во македонската дијаспора.

Во делото “Македонскиот иселенички печат” на Славе Катин  се вели дека според пишаните документи се знае дека доселувањето на првите Македонци во Австралија започна по Првата светска војна, кога патиштата кон Америка беа затворени. Така, поголеми групи македонски печалбари од Леринско, Костурско, Битолско, Преспанско и Охридско пристигнале во Австралија во 1924 и 1927 година. Особено по 1934 година, односно по доаѓањето на Метаксас на власт во Грција, бројот на доселениците од Егејска Македонија се зголемува, а по Граѓанската војна доаѓа до вистински бран на иселување. По шеесеттите години, пак, бројот на доселениците во Австралија рапидно се зголеми и од територијата на СР Македонија.

Македонските доселеници во Австралија уште со самото доаѓање во новата средина, започнуваат спонтано да се собираат по австралиските кафеани, на веселби и приредби. Таму се формираа и првите македонски клубови во кои започнаа со активност и првите организации во периодот меѓу двете светски војни. Така, во 1941 година во Перт, Западна Аветралија беше формирано Првото македонско прогресивно друштво под името „Единство“, а потоа се формирани друштва и во рамките на Македонско-австралискиот народен сојуз (МАНС), како и други македонскн асоцијации во сите поголеми индустриски центри каде што живеат македонски доселеници.

Според Катин, Македонците од сите делови на Македонија во Автралија претставуваат една хомогена целина, веќе афирмирана и често посочувана како пример по својата организираност и активност и меѓу Австралијанците и другате етнички групации. Тоа особено е изразено во македонските православни црковни општини, кои се вистинско огледало на нивните активности, односно духовни, културно-просветни и       забавни центри за македонскиот народ и за новите генерации од македонско потекло. Во македонските православни црковни општини македонските доселеници, без оглед на тоа од кој дел на Македонија се дојдени, зборуваат ист јазик, пеат исти песни, играат исти ора, учат на македонски јазик и ги продолжуваат македонските традиции и обичаи донесени од Македонија.
Паралелно со создавањето на македонските друштва, црковните организации и другите асоцијации изразено особено по Втората светска војна, македонските доселеници во Австралија покренуваат и издавање на иседенички весници, списанија и отворање радио и ТВ часови на мајчин јазик, преку кои ги изразуваат целите и задачите на организациите, нивните активности и целокупното живеење, како и стремежите и постигнувањата на македонските доселеници во целина.

Во делото “Македонскиот иселенички печат” на Славе Катин  е забележано дека прв весник кој во Австралија се печатеше на мајчин македонски јазик е „Македонска искра”. Тој излегуваше цели десет години како орган на Македонско-австралискиот народен сојуз (МАНС) и претставуваше вистински пример за развојот на македонското новинарство на овие простори. По „Македонска искра” се појавија бројни информативни гласила како „Илинденско востание”, кое се јавува по повод прославата на 48 годишнината од Илинденското востание, „Македонски глас”, како продолжение на „Македонска искра”, потоа „Народен глас” во Мелбурн и „Единство” во Сиднеј.
Со формирањето на Македонската црковна општина „Свети Ѓорѓии во Мелбурн, се интензивира и издавачката дејност. Имено, во Мелбурн се појави „Македонски весник“ како издание на македонските општини од Мелбурн, Перт, Аделајд, Були, Вулунгонг, Порт Кембла, Њукастл, Квинбијан и Шепартон, поголем број билтени печатени по повод некој празник, а потоа во Перт се појави „Македонски општински весник“. Во исто време се јавуваат и неколку приватни весници, меѓу кои, „Македонија” во Сиднеј и „Македонска вистина” во Мелбурн. Обично овие весници се печатат на македонски јазик со латиница.

Во седумдесеттите години, покрај другите гласила, во Престон, Мелбур, се појави „Македонски живот” кој се печати на македонски јазик, но со кирилица, потоа излегува „Илинденски весник” во Сиднеј, кој излегува пет години и претставува значаен придонес во новинарската дејност на Македонците. Во тој период се јавуваат и други весници и списанија кои се печатат на македонски јазик, но овојпат и со материјали на англиски јазик. Таков е случајот со „Весник“, гласило на македонската општина од Перт, Западна Австралија, а се печатат и првите списанија, покрај кои се „Сонце детски весник”, „Македонски спорт” и други.

Се чини дека едно од најзначајните македонски гласила што подолго време излегувало во Австралија е списанието „Повод“ од Сиднеј, како прво македонско списание за литература и култура на петтиот континент и единствено од таков вид меѓу иселеништвото. Да го споменеме и списанието „Искра“ од Аделајд кое, иако со релативно краток век на печатење, претставува значаен прилог кон иселеничкиот печат и афирматор на македонската вистина. По овие информативни гласила, се јавуваат и списанието „Изгрев” и „Корзо” во Мелбурн.
Од весниците со подолг век на печатење е секако „Македонија“ седмичен гласник од Мелбурн, кој започна да се печати 1982 година и излегува во тираж од околу пет илјади примероци. Исто така и „Македонски весник” од Сиднеј кој се појави во 1985 година е еден од редовните и значајните гласила на македонските иселеници. И весникот „Копнеж” што излегуваше во Њукастл претставува вистински гласник на активностите во таа македонска колонија. Слична улога има и списанието „Македонска мисла“; од Перт.

Едни од најзначајните, ако не и најзначајни, македонски неделници меѓу иселеништвото се, секако, „Австралиско-макадонски неделник” и „Денес“ од Мелбурн. „Австралиско-макадонски неделник”  започна да излегува во 1988 гадина паралелно и на македонски и на англиски јазик и е вистински афирматор на македонската култура, литература, јазик, историја, спорт. Овој весник излегува и денес. Исто така и весникот „Денес“ се печати на македонски и на англиски јазик и е еден од најтиражните весници што се печати во македонската дијаспора.
Исто така, во делото “Македонскиот иселенички печат” на Славе Катин се вели дека од другите информативни гласила, секако, радиото игра важна улога во информативната дејност. Затоа ќе забележи дека првиот македонски радио-час во Австралија започнал во Перт во 1947 година, веднаш по излегувањето на првиот иселенички весник „Макадонска искра”. Програмата се емитувала на Радиото од Перт, секоја втора среда со почеток во 19 часот и 10 минути. Уредник и водител на макадонската радио програма беше Мик Веловски, иселеник од Егејска Македонија, еден од основачите на друштвото „Единство” од Перт. Овој радио-час постоел во текот на 1947 година и неколку месеци во 1948 год. Тој е темелникот на радио-часовите во Австралија.

Потоа се вели во делото “Македонскиот иселенички печат” на Славе Катин дека почнале да се отвораат и други македонски радио-часови, меѓу кои, во Мелбурн 1959, во Сиднеј 1975, во Њукасл 1977, потоа во Аделајд, Вулунгонг, Џилонг, и на други места. Исто така за одбележување е што во деведесетите години се појавија и првите телевизиски часови на македонски јазик. Помал број радио-часови се емитуваат преку приватни и други радиостаници. Меѓутоа, во Австралија и радио и ТВ-часовите работат во состав на Австралиското етничко радио SBS и Австралиската ТВ-програма, како дел на мултинационалните програми на демократска и мултикултурна Австралија.

Продолжува

Пишува: ДУШАН РИСТЕВСКИ

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *