МД „Илинден“-Тирана со целосна поддршка за Васил Стерјовски за пратеник

Македонско друштво „Илинден“-Тирана, преку соопштение за јавноста ја искажува поддршката за кандидатурата на Васил Стерјовски за пратеник на парламентарните избори што во Албанија ќе се одржат на 25 овој месец.

Се наведува дека врз основа на договорот за коалиција меѓу Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) и социјалистката партија Стерјовски е кандидат за пратеник во изборната листа на СП за регионот Корча.

-Сметаме дека за доброто на сите Македонци во Албанија треба да го продолжиме нашето присуство во албанскиот Парламент со наш достоен и достоинствен претставник, како што е м-р Васил Стерјовски. Коалицијата МАЕИ и СП ќе овозможи интеграција на Македонците во владините институции, засилен и брз економски развој на областите каде што живеат Македонци во Голо Брдо, Мала Преспа, Гора, Врбник и цела Албанија, како и заштита на македонските јазик, култура и обичаи, стои во соопштението на друштвото.

Се оценува дека со досегашното присуство во албанскиот Парламент, Стерјовски покажал и докажал дека малцинските права најдобро може да ги одбрани човек кој потекнува од средината на тоа малцинство.

Се посочува и тоа дека досегашното присуство, иако во скратен мандат, Васил Стерјовски покажа дека македонското малцинство има достоен претставник на политичката сцена во Албанија, кој сесрдно се залага за правата и добробитта на македонското национално малцинство во Албанија.

-Поради тоа, ги повикуваме сите Македонци во Мала Преспа, Корча, Подградец, Девол и целиот регион на Корча, да излезат масовно и да гласаат за Васил Стерјовски број 12 и СП број 12 на парламентарните избори, со цел да имаат свој достоинствен пратеник во Парламентот на Република Албанија, апелира друштвото „Илинден“ во соопштението потпишано од претседателот Никола Ѓурѓај.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *