Весник „Илинден“: Захариева во одбрана на корените од Хан Кубрат

Единствениот печатен медиум на македонски јазик во Албанија, кој има и електронско издание, весникот „Илинден“, во денешниот уводник, под наслов „Захариева во одбрана на корените од Хан Кубрат“ прави анализа на однесувањето на бугарските политичари кон Македонците во Албанија и обидите „вештачки да прикаже постоење на непостоечко бугарско малцинство“, за што во многу наврати има реагирано Македонското друштво „Илинден“–Тирана.

– Познат е невидениот притисок кој бугарските политичари и пропагандисти го вршат врз Македонците во Албанија за тие да се изјаснуваат како Бугари. За таа цел, бугарската држава вложува огромна сума на пари во наводни добротворни акции во деловите од Албанија каде живеат Македонци. Така, познато е дека дури и европратениците на Бугарија Ковачев и Џамбаски беа во посета на општина Пустец, со цел да покажат колку многу им значат „Бугарите“ во Преспа, а кои воопшто ги нема, стои во написот.

Но, се констатира, дека вистината излегла на виделина со објавениот документ од страна на Бугарската амбасада за тоа колку „Бугари“ се пријавиле за неодамнешните избори за народни пратеници во бугарското Собрание и се додава дека на списокот имало само 15 лица меѓу нив и вработените во амбасадата.

Според весникот она што деновиве го привлекло нивното внимание е ФБ објавата на министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева во однос на споменикот на хан Кубрат во Украина.

Захариева, во неа пишувала дека „Бугарија придава големо значење на заштитата на правата и историскиот и културниот идентитет на 200-годишната бугарска заедница во Украина…“.

Објавата, според авторот на текстот, покажува дека бугарските челници ја злоупотребуваат својата позиција во Европската Унија за присвојување на туѓата, македонска историја и нејзино прикажување како бугарска.

-Останува горчливото премолчување на Европската Унија кога нејзината членка, Грција посака покрај своето население Елини, тие да бидат и Грци и Македонци. Апелираме, Европската Унија повторно да не замижува пред крадењето на македонската историја и да не ги аминува уцените на Бугарите тие покрај Татари, Бугари да станат и Македонци. Оти така милуваат. Замислете, Германец да посака да биде и Французин и да ја присвои француската историја, или обратно. Со туѓа историја се китат само оние кои немаат своја или се срамат од својата, посочува авторот.

Во таа насока, стои понатаму, македонското друштво „Илинден“-Тирана ја поздравува загриженоста на министерот за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева за зачувување на корените на Бугарите, со оглед на историското наследство на бугарскиот народ.

– Веруваме, дека најпосле Захарева си ги прифати корените од кои се срамеше. Со ваквата ФБ објава, таа ги погазува сите обвинувања кон РС Македонија кои Република Бугарија ги практикуваше во однос на тоа дека од страна на Македонците биле нарекувани Татари, независно што многу бугарски автори напишале стотици книги за татарското потекло на Бугарите. Македонците, како народ со долга историја никогаш немале никаква допирна точка со татарските ханови, така што немаат ни потреба да повикуваат на зачувување на нивната историја. Наша задача е да реагираме на уништување на секој историски споменик, поради што го поздравуваме потегот на министерката Захариева, стои во реакцијата на друштвото вметната во написот.

За авторот ФБ објавата на Захариева треба да биде црвено светло и за Европската Унија која „во минатиов период молчеше во однос на крајно уценувачките активности кон албанската Влада за измислување на непостоечко бугарско малцинство во Албанија“.

-Воедно, ја повикуваме Европската Унија, која се декларира како заштитник на малцинските права, да се појави како заштитник и на Македонците во Албанија од секојдневните малтретирања на бугарската пропаганда во Преспа, Голо Брдо, Гора, Врбник и секаде каде што живеат и работат во Албанија, се апелира на крајот од уводникот под наслов „ Захариева во одбрана на корените од Хан Кубрат“ што денеска го објавува веснкот „Илинден“.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *