Претседателот Пендаровски се сретна со поглаварите и претставниците на верските заедници

Претстојните велигденски и рамазански празници и условите во кои поради пандемијата на Ковид-19 и оваа година ќе биде неопходна претпазливост на верниците при празнувањето во верските објекти во државата, беше тема на денешната средба на претседателот Стево Пендаровски со поглаварите и претставниците на верските заедници.

Ппретседателот Пендаровски, како што соопшти неговиот кабинет, на средбата укажа на важноста на улогата на поглаварите на верските заедници, како во негувањето на соживотот што е важен предуслов за просперитет и напредок на државата, така и на важноста на нивните постапки во време на пандемијата на Ковид-19.

Поглаварите и претставниците на верските заедници, пак, упатија апел до верниците за внимателно и одговорно однесување, сериозно и безусловно почитување на мерките и препораките од здравствените власти, за да се заштитат себе си и оние кои ќе одлучат оваа година да ги посетат храмовите по повод празниците, како и за неопходноста од вакцинација на граѓаните.

На средбата присуствуваа поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, г.г. Стефан, поглаварот на Исламската верска заедница, реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху, Скопски бискуп и епарх Скопски и Струмички, Киро Стојанов, суперинтендентот на Евангелско – методистичката црква, Марјан Димов, како и Даријан Сотировски, директор на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи.

Претседателот Пендаровски ги повика сите граѓани на одговорно и совесно однесување за време на празнувањето на претстојните верски празници, при што на средбата беше реафирмиран ставот дека соживотот и почитувањето на различноста се темелни вредности на Република Северна Македонија.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *