Претседателот Стево Пендаровски го поздрави договорот и вчерашниот компромис кој го направија претседателите на СДСМ Зоран Заев и на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за одложување на пописот на населението.
-Како што предложив пред неколку месеци, доколку ситуацијата со пандемијата не се подобри одлагањето на пописот нема да предизвика никаква штета за никој. Напротив, со вакцинацијата ќе бидат создадени услови за негово успешно спроведување без да има каква било основа кој било да се посомнева во неговата легитимност, изјави Пендаровски по седницата на Советот за безбедност на која се разгледуваше состојбата со пандемијата.
Според него, не е неважно и за останатите прашања како што е изборното законодавство, спроведувањето на локалните избори, деблокирање на работата на Собранието и сетот на закони за поддршка на економските субјекти и на граѓаните, во наредниот период да биде постигнат напредок.
-Очекувам на средбата која е најавена за утре со партиите кои предложија измена на Законот за државјанство, исто така, ќе биде постигнат компромис затоа што од една страна не е добро заради еден политички предлог на опозицијата Парламентот да биде комплетно парализиран, но не е добро да немаме решение и за реалните проблеми на нашите граѓани кои со години живеат тука а не можат да го регулираат својот престој и да ги остваруваат своите права сосема небитно колку луѓе спаѓаат во таа категорија, истакна претседателот Пендаровски.
На крајот, наглаки тој, ако процесот на имунизација не тече како што е најавен или ако договорот меѓу власта и опозицијата не се почитува граѓаните може да очекуваат веќе наредните денови јавно да посочи кон оние што, како што нагласи, ќе се однесуваат неодговорно.
-По една година практична изолација и карантини кога сите се на работ на силите не смееме уште еднаш да ги разочараме луѓето на кои им е преку глава од нашите партиски и политички препукувања во ситуација кога секојдневно ни умираат толку многу наши сограѓани, рече Пендаровски.