Пендаровски: Сликите од викендот од Србија не смее да се повторат

Советот за безбедност бара државата да ги искористи сите расположиви ресурси за да им се даде соодветна здравствена заштита на заболени од КОВИД-19, како и да направи се да спроведе масовен процес на имунизација на населението. Она што викендот го гледавме во Србија, каде се вакцинираа наштите граѓани е срам за државата и не смее да се повтори, рече претседателот Стево Пендаровски по завршувањето на седницата на Советот за безбедност на која се разговараше за состојбата со пандемијата и на која учествуваше и министерот за здравство Венко Филипче.

Членовите на Советот, нагласи претседателот, побараа користење на сите расположливи ресурси за да може секој граѓанин да ја добие неопходната здравствена заштита.

-Државата не смее да дозволи ниту еден граѓанин да не биде примен на болничко лекување. Од министерот Филипче добивме уверување дека такво нешто досега не се лучило ниту ќе се случува отсега, рече Пендаровски.

Во врска со имунизацијата која треба да почне утре Пендаровски побарал надлежните да го организираат процесот во најдобар ред и, како што рече, таа обемна операција да продолжи до целосна имунизација на населенитето. Прекин, нагласи, не смее да има.

-Тоа не го барам само јас, го пренесувам чувството на голем дел македонски граѓани кои не се задоволни од тоа што на тој план го направиме досега. Сликите што ги гледавме изминатиот викенд во Србија тоа најдобро го илустрираат. Вакви слики едноставно не смеат да се повторат. Благодарност до Србија, но, тоа беше срам за нашата држава. Државата мора да најде начин своите граѓани да ги вакцинира овде, потенцира Пендаровски.

Во врска со состојбата со Ковакс механизмот и дали има некои дополнителни информации, рече дека тој информациите ги добива од МЗ.

-И точно се знае кој ден и колкава количина ќе пристигнат, но свесно тука ќе застанам, бидејќи досега многу се изгоревме од најави, кои немаа врска со нашите политичари. Како пример и најбогатите држави на Европа до овој момент немаат ниту пет отсто целосно имунизирано население, рече Пендаровски.

Армијата нема да биде вклучена во процесот на имунизација. Пендаровски појасни дека според планот што му го презентирал министерот за здравство во овој момент не е потребно вклучување ниту на армијата, ниту на полицијата.

Тој ја искористи оваа прилика да упати личен апел до приватните здравствени установи да ја разгледаат можноста да се откажат од профит за да ги направат нивните услуги подостапни за граѓаните болни од КОВИД-19 и ако за тоа има потреба да го упатуваат и својот медицински персонал во јавните здравствени установи.

-Убеден сум дека во време на големи колективни страдања не треба ничии семејни несреќи и трагедии да ги користиме за нечија добивка и делење на дивиденди, рече Пендаровски.

По седницата на Советот тој соопшти дека се договориле сите политичари и фунционери да се пријават за вакцинација како секој граѓанин.

-За да не дојде до злоупотреба на позицијата на некој висок функционер, се договоривме во следните денови да се пријавиме за вакцинација како секој граѓанин. Ние сме исти со сите граѓани, и сметав дека треба да се пријавиме како секој граѓанин на оваа земја и да се вакцинираме кога ќе добиеме термин, односно кога ќе се создадат услови за тоа, рече Пендаровски.

Тој апелираше граѓаните да ги почитуваат препораките и да бидат совесни и одговорни , но, како што нагласи, политичарите со почитување на мерките и законите ќе имаат образ да го бараат истото од граѓаните.
Во врска со можноста за воведување порестриктивни мерки, Пендаровски рече дека ниту тој, ниту членовите на СБ не се компетентни да кажуваат. Додаде дека од лани, од март кога почнаа рестриктивните мерки сто отсто ги следеле препораките на Комисијата за заразни болести. Шефот на државата истакна дека нивните препораки деновиве е дека треба да се остане со истиот сет мерки и дека нема да има подобар ефект ако се затвораме.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *