Со учество на специјалните сили од Северна Македонија, САД и домаќинот Грција успешно заврши заедничката трилатерална обука за падобранство и скокови од воздухоплови, што се одржа од 16 до 26 март во областа Атика и градот Лариса, јави дописничката на МИА од Атина.
Од Генералштабот на грчката армија соопштуваат дека заедничката обука беше „во рамките на меѓународните соработки на грчките вооружени сили со пријателски и сојузнички земји“, а биле реализирани скокови од голема височина (High Altitude Low Opening- HALO и High Altitude High Opening –HAHO) и Static Line во дневни и ноќни услови.
-Конкретната заедничка обука придонесе за зголемување на оперативните способности и интероперабилноста на силите за специјални операции, како и за надградување на нивото на соработка, разбирање и размена на техничко знаење меѓу силите учеснички, пишува во соопштението.
Во вежбата, од Грција учествуваа припадници на Интердисциплинарната команда за специјални операции, два хеликоптери на военото воздухопловство на армијата и еден авион на воздухопловните сили, од САД припадниците на 10th Special Forces Group, а од Северна Македонија припадници на специјалните сили.
Од армијата на Северна Македонија, преку официјалниот Фејсбук профил, минатата седмица, додека обуката беше во тек, објавија фотографии и напишаа дека вежбата е добра можност за потврдување на обученоста на специјалните сили во изведување падобрански скокови.
-Трилатералната вежба на припадници на специјалните сили од Армиите на Грција, САД и Северна Македонија, која се изведува во Република Грција, е одлична можност за припадниците од баталјонот за специјални сили да ја потврдат обученоста во изведување падобрански скокови која е една од понапорните и ризични активности, како и интероперабилноста во заеднички операции кое е одлика на НАТО сојузниците. #StrongerTogether, напишаа од армијата на Фејсбук.