Рот до Димитров: Треба конечно да почнат пристапните преговори

Германската влада ја поддржува Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија, на мислење сме дека треба конечно да отпочнат пристапните преговори,изјави германскиот министер за Европа Михаел Рот по денешната средба со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров кој е во посета на Берлин.

-Силно го поддржуваме португалското претседателство, како би се овозможил почеток на преговорите во јуни оваа година. Во исто време ја охрабрувам Северна Македонија паралелно да работи на реформскиот процес, пред се’ јакнење на правната држава, решителна борба против корупцијата, независно дејствување на судскиот систем, тоа не е важно само за Унијата, многу поважно е за граѓаните на Северна Македонија. Многу ме радува отворениот и пријателскиот пристап при размената на мислења со Димитров и Северна Македонија може и понатаму да се потпре на германската поддршка. Ние ја поддржуваме вашата земја да се најде на тој многу значаен и нужно потребен пат кон ЕУ,  наведе Рот.

Димитров, пак, ја пренесе загриженоста од македонска страна дека секое понатамошно одолговлекување со почетокот на преговорите со ЕУ, може да предизвика зголемена недоверба кон европската перспектива, не само на Северна Македонија туку и регионот.

Нагласи дека е потребно да се преземат одлучни чекори за да се надминат сите непринципиелни барања, со цел земјата што е можно побрзо да ја добие долгоочекуваната и заслужена валидација преку одобрување на преговарачката рамка и одржување на меѓувладината конференција.

-Проблематизирањето на идентитетските обележја на еден народ како што е јазикот и условувањето истото да биде дел од пристапниот процес, не само што претставува своевиден ултиматум, туку и оправдана причина за намалување на довербата на македонската јавност кон евроинтерациите. Би сакал да верувам дека Германија со својата препознатлива упорност, заедно со земјите од Триото и се разбира со нашите напори, ќе успееме сегашното разочарување да го претвориме во политички успех, изјави Димитров.

Се обидов, наведе, да му ја доловам нашата перспектива, перспективата на македонските граѓани во однос на европската идеја, европската перспектива, дека е навистина крајно време да ги почнеме преговорите, бидејќи по сè што направивме и по очекувањата за германското претседателство и минатиот декември ќе биде многу тешко и за македонските граѓани, но и воопшто за граѓаните на Балканот да веруваат дека Европа е сериозна ако нема конкретни чекори напред, и во нашиот случај, и во случајот на Албанија, и за некои други прашања за другите држави од регионот.

-Со право се чувствуваме на некој начин повредени, посебно кога така важни идентитетски обележја како што е македонскиот јазик ни се проблематизираат на пат кон една заедница која што ја прославува различноста – и лингвистичка и културна на европскиот континент, рече Димитров.

Димитров и Рот размениле мислења и околу плановите за одржувањето на Самитот во Берлин во рамките на Берлинскиот процес планиран оваа година и заеднички се согласиле дека оваа иницијатива е значајна за регионот и неговото поврзување, особено преку активностите посветени на елиминирање на пазарните бариери.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *