Биенале на млади уметници од утре во МСУ

„Ќе биде ли доцна ако времето запре?“ е насловено 12-тото Биенале на млади уметници кое од утре ќе се одржува во Музејот на современата уметност. Годинава куратори на Биеналето се Ивана Васева, Бојана Јанева-Шемова и Владимир Јанчевски, а е дефинирано преку три сегменти кои опфаќаат изложба, презентации на млади уметници од земјава, како и регионална дискурзивна програма.

Според кураторите, генералниот концепт околу кој се гради 12. Биенале на млади уметници е во насока на истражување, преиспитување и анализа на феноменот на задоцнетост/задоцнување, ненавременост во поглед на историскиот развој на општествените прилики во земјава во рамките на уметничкиот систем и уметничките парадигми и начинот на кој се одразува во сите негови сегменти (образовни, изложбени, продукциски, претставувачки…)

Во таа насока, концептот предлага едно прашање: дали е предоцна да се преиспита, продолжи или прекине една веќе долго време воспоставена тенденција во рамките на уметноста или е време да се размисли за нови стратегии и перспективи?

Биеналето на млади уметници се надоврзува на петгодишната манифестација „Современи македонски уметници – Млада генерација“ започната во 1967 година како одговор на потребите на развиената сцена преку воведувањето на селективност во претставувањето и следење на определени вредносни критериуми.

Прераснувајќи во биенална манифестација, првите четири изданија (1987-1993) им овозможувале на авторите осмислување на сопствената работа во контекстот на југословенските и светските движења, а и следење на развојот по дисциплини. Од 2001 година, т.е. петтото Биенале, во сооднос со општествено-политичките случувања во земјава, одлучено е да се понуди општа слика или панорамски поглед за релевантните текови на младата ликовна сцена, понекогаш дополнета со уметници од странство и со студенти од ФЛУ од 2005 година, а подоцна и тематски одредници и прашања кои кураторите и организаторите ги сметале за релевантни да се отворат.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *