Празнувањето на Св. 42 Аморејски маченици, Св. 7 Херсонски маченици и Св. 40 Севастиски маченици – Младенци

“Далеку е спасението од грешниците,

зашто тие не ги побараа Божјите наредби

Тие ги вадат мачевите, го оптегнуваат лакот свој,…

за да ги прободат оние, што се со чисто срце.

Но мечот нивни нека се забие во нивното срце,

и лаковите нивни нека се скршат.

Зашто нишките на грешниците ќе спласнат,

а на праведниците Господ им ги поткрепува.

Бог го замрази патот на неправдата.

Ги избавува од човечко клеветење своите угодници.

Со светлината на Своето лице ги озарува своите слуги.

Праведен си Ти, Господи и праведни се Твоите пресуди!

Правдата на Твоите сведоштва е вечна.”

(Псал. 36, 14, 15, 17)

 

Грешниците ги фрлаат телата на мачениците во реки, во смрзнати езера, ги фрлаат во вжештени печки, но тие ќе загинат и ќе ги снема од земјата, зашто Господ ја сака правдата и не ги остава Своите праведници.

Христовите маченици умреа заради љубовта во Христа и неправдите на овој земен свет. Отидоа насилно и предвреме отстранети од земниот живот. Но тие продолжуваат духовно да живеат, со Бога и преку Него да постојат. Затоа Светата Православна Црква им оддава почит, ги слави и ги прославува низ сите векови.

Светите Четириесет и два маченика Аморејски. Се слават на 19 март. Сите биле војводи на византискиот цар Теофил кој царувал во деветти век. Кога Теофил ја изгубил битката против Сарацените околу градот Амореја, Сарацените го зазеле овој град, го опустошиле, убиле многу христијани, а некои ги продале во ропство. Потоа Агарјанскиот кнез Амирмуин го опседнал градот Амореја. За тоа му помогнал Аморејскиот војсководител, издајникот Вадицис. Христијанска крв со потоци се пролевала по улиците на градот. Кнезот Амирмуин ги довел во својата земја Св. 42 маченика. Во затворот ги советувале да ја примат верата на Мухамед. Но храбрите војводи не се откажале од Христа и по седум години мачење, биле исечени со меч, во 845 година. Телата им ги фрлиле во реката Еуфрат. Но кога испливале на другиот брег, христијаните ги собрале и чесно ги погребале.

На датумот 20 март се слават Светите Седум Свештеномаченици Херсонски. Светата Црква ги знае имињата на овие маченици: Василиј, Ефрем, Евгениј, Елпидиј, Агатодор, Етериј и Капитон. Сите тие биле епископи во Херсон. Испратени од патријархот Ерусалимски, мисионирале во разни краишта на светот и ја проповедале Евангелската светлина. Го завршиле својот живот како маченици.

Свети Василиј го воскреснал синот на некој кнез во Херсон. Заради тоа се разгневиле Евреите и го оптужиле. Бил тешко мачен. Бил врзан за нозете и влечен по градските улици, додека не ја испуштил душата.

Свети Ефрем го завршил својот живот исечен со меч.

Светите Евгениј, Елпидиј и Агатодор го завршиле својот живот тепани со стапови и камења.

Свети Етериј поживеал за времето на Христијанскиот цар Константин Велики. Тој успешно управувал со црквата и успеал да изгради храм во Херсон. Животот го завршил мирно.

Свети Капитон бил назначен за епископ и дивите Скити за да му веруваат побарале од него знак. Го натерале да влезе во огнена печка па ако не изгори тогаш му ветиле дека ќе поверуваат во Христа. Со силни молитви упатени кон Бога, со силна надеж во Сесилниот Бог, свети Капитон го ставил архијерејскиот омофор на себе, се прекрстил и влегол во вжарената печка. Во пламенот останал еден саат и не му се повредило ниту телото, ниту облеката изгорела. Тогаш силно се слушнал гласот на многуте луѓе: “Еден е Бог, Богот Христијански, велик и силен, Кој го сочува Својот служител во огнената печка!”

И станало чудо. Се крстиле целиот град и целата околина. За ова необично Божјо чудо се зборувало на Никејскиот Собор. Но што направиле незнабожечките Скити? Тие го фатиле Свети Капитон на патот кај реката Дњепар и го удавиле во реката.

Светите Седум Свештеномаченици Херсонски пострадале за Христа во почетокот на 4-ти век.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *