Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска го прими Џајлс Норман, новоименуван вонредeн и ополномоштен амбасадор на Канада во Северна Македонија, со седиште во Белград, кој во оваа прилика ги предаде копиите на акредитивните писма.
Како што соопшти МНР, Османи, посакувајќи му добредојде и успех во вршењето на функцијата, изрази очекување дека позитивниот развоен тренд на односите меѓу двете пријателски земји успешно ќе продолжи и за време на неговиот мандат.
На средбата, билатерални односи меѓу Северна Македонија и Канада беа оценети како блиски и пријателски, засновани на стратешко партнерство меѓу двете земји и споделување на НАТО вредностите и приоритетите.
Исто така, беше потврден заедничкиот интерес за натамошно унапредување на билатералната соработка во повеќе конкретни области, со посебен акцент на економската соработка, како и продолжување на успешната мултилатерална соработка.
Амбасадорот Норман ја пренесе канадската поддршка за реформските процеси кои ги спроведува Владата на Република Северна Македонија и ги поздрави надворешно-политичките достигнувања, акцентирајќи дека со членството во НАТО и перспективата за отпочнување на пристапни ЕУ преговори, нашата земја се легитимира како кредибилен партнер кој значително придонесува за мирот и безбедноста во регионот и пошироко, стои во соопштението.