Симовски: Пописот би се одложил само ако Комисијата за заразни болести процени дека не е безбедно да се спроведе

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски денеска изјави дека пописот би се одложил само ако Комисијата за заразни болести процени дека не е безбедно тој да се спроведува.

– Единствените коишто можат да предложат одложување на пописот поради Ковид-от е Комисијата за заразни болести, ако оценат дека ситуацијата е таква да не може да се контролира, треба да дадат препорака до Владата за да се донесе таква одлука, изјави Симовски за телевизија Канал 5.

Тој вели дека процедура е таква и оти Комисијата одлучува за тоа, па Државниот завод за статистика (ДСЗ) во тој дел не може ништо да влијае.

– Ако даде препорака, оди во процедура, на Кризниот штаб, па на Влада. Меѓутоа за да ние евентуално одложиме треба на крајот да се промени и Законот, што значи измена на законското решение, а тоа е огромна процедура, оценува Симовски.

Вели дека ДЗС ја следи целата ситуација и евентуално ако Комисијата донесе препорака и таа се процесуира, тие ќе ги почитуваат сите тие работи, но во моментот Заводот не може, а ниту има овластување да оценува што било и да бара какво било одложување.

Во меѓувреме, официјална Фејсбук страница за претстојниот Попис 2021 во Република Северна Македонија, објави дека се шират дезинформации оти во домаќинствата ќе влегуваат тројца или четворица попишувачи.

– Ја молиме јавноста да не наседнува на овие провокации кои се надеваме се поради непознавање на Методологијата за спроведување на #Попис2021. Имено, во секое домаќинство попишувањето ќе го прави 1 (еден) попишувач.

Притоа, потенцираме дека мерките за здравствена заштита се од апсолутно највисоко ниво и истите можат да се погледнат на следниот линк: http://popis2021.stat.gov.mk/Upatstva/Covi19Protokol_mk.pdf, се наведува во објавата на официјалната страница Попис 2021.

Инаку, до утрово до 8.30 часот преку апликацијата за самопопишување се евидентирани вкупно 47.794 лица.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *