Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски напиша писмо до амбасадорите кои го преставуваат меѓународниот фактор во земјава, во кое, како што соопштија од партијата, предлага пописот да се одложи за септември, а локалните избори да се одржат од 1 до 15 ноември.
– Борбата против тешката епидемиолошка ситуација, во недостиг од вакцини, комбинирано со теренски попис, ќе го стави во сериозен ризик за јавното здравје. Јас не се сомневам во потребата од кредибилен попис, но во овој момент не е време за истиот. Ние мора да сме фокусирани пред се на борбата против здравствените предизвици кои се пред нас. Откако ќе се надмине здравствената криза ние можеме повторно да се насочиме на пописот, стои во писмото од Мицкоски, кој се лекува од Ковид-19 на Клиниката за инфективни болести во Скопје.
Мицкоски подвлекува дека „проблемот во немањето на консензус во врска со прашањето околу пописот е само во Владата на Заев“.
– Прашања како пописот во поларизирано општество како нашето, мора да се решаваат со целосен политички консензус. Немањето на ваков консензус, не донесе до слепа улица, при што единствена солуција која останува е одлагање на пописот. Во оваа динамична ситуација, каде ситуацијата на терен се менува на дневно ниво, се плашам дека одиме кон уште еден голем предизвик за јавното здравје. Во оваа насока пописот би можел да создаде Ковид кластери, посочува Мицкоски и дополнува дека како лидер на опозицијата смета дека има обврска кон граѓаните и оти треба да се најде решение за ситуацијата.
Како дел од решението тој предлага пописот да биде одложен за септември, тоа, вели, ќе остави време за набавка на вакцини и вакцинација на сите попишувачи, со што ќе се минимизира штетата по јавното здравје.
– Во насока за институциите да можат да се посветат целосно на пописот, предлагам локалните избори да се одржат од 1 до 15 ноември, стои во писмото на Мицкоски.
Тој напоменува дека низ лично искуство најдобро знае низ што поминуваат заразените од Ковид како и информациите за личните трагедии на илјадници семејства што треба да биде аларм за државата суштински да делува.
– Ви пишувам од Клиниката за Инфективни болести, каде што се наоѓам како резултат на тешките симптоми и високата температура која ја имам. Во вакви моменти човек ја гледа драгоценоста на сопственото здравје, кое поради брзиот живот го запоставуваме, стои во писмото.