НБ ја намали основната каматна стапка за натамошна поддршка на домашната економија

Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка вчера на седница одлучи основната каматната стапка да се намали за дополнителни 0,25 п.п., до нивото од 1,25 отсто.

Како што соопштуваат од Народната банка одлуката за понатамошно монетарно олабавување се носи во услови на стабилни движења на девизниот пазар и умерена динамика на инфлацијата, а додека сѐ уште постои неизвесност за здравствената криза и влијанието врз патеката на закрепнување на економијата.

Додаваат дека во прилог на одлуката е и понагласениот приспособлив карактер на ЕЦБ заради одржување на поволните финансиски услови во подолг период.

Според Народната банка натамошното олабавување на монетарната политика е заради дополнително олеснување на финансиските услови и натамошна поддршка на домашната економија, имајќи го предвид тековниот развој на пандемијата, којашто сѐ уште трае. Истовремено, на седницата е оценето дека ослободената ликвидност изминатата година од вкупно 15 милијарди денари преку основниот инструмент на Народната банка е соодветна, при што се одлучи на аукцијата што ќе се одржи денеска да се понудат благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари.

Од Народната банка оценуваат дека понатамошното олабавување на монетарната политика се очекува да придонесе за намалување на цената на финансирање преку кредити од банките и натамошна кредитна поддршка на приватниот сектор, заради ублажување на ефектите од пандемијата врз домашната економија.

Во соопштението наведуваат дека според последните расположливи макроекономски показатели за економската активност, и во последниот квартал од 2020 година забавува падот на бруто домашниот производ, согласно со очекувањата, а остварениот пад на економијата за целата 2020 година е главно во рамките на последните  проекции. -Бруто домашниот производ во последниот квартал од 2020 година забележа пад од 0,7 отсто на годишна основа, по падот од 3,3 отсто во претходниот квартал. Со тоа, реалниот пад на економијата во 2020 година изнесува 4,5 отсто, што е во согласност со проeкциите на Народната банка за пад од 4,9 отсто. Расположливите високофреквентни податоци за првиот квартал 2021 година се ограничени и засега тешко можат да се извлечат јасни сигнали за економската активност во овој период.

Во однос на инфлациските движења, во првите два месеца од 2021 година ценовните промени се умерени и се во согласност со очекувањата според последната проекција на Народната банка. Во услови на ревизии главно во нагорна насока кај надворешните влезни претпоставки, сѐ уште е нагласена неизвесноста од движењето на светските цени на примарните производи во следниот период и нивното влијание врз домашните цени.

Девизните резерви, оценуваат,  и понатаму се на соодветно ниво и се одржуваат во сигурната зона. Најновите податоци од надворешниот сектор, за јануари 2021 година засега упатуваат на нешто понизок трговски дефицит од очекуваниот за првиот квартал од годината, додека последните податоци за менувачкото работење не отстапуваат значително во однос на очекувањата согласно со октомвриската проекција. Остварувањата кај билансот на плаќања за целата 2020 година упатуваат на умерено понизок дефицит во тековната сметка и умерено повисоки  финансиски приливи, во споредба со очекувањата со октомвриската проекција.

Во рамките на монетарниот сектор, согласно со првичните податоци за февруари 2021 година, продолжува годишниот раст на вкупните депозити и кредити, при што растот на вкупните кредити е поумерен од проектираниот за првиот квартал на 2021 година според октомвриската проекција.

Во периодот помеѓу двете седници на Комитетот, ликвидните средства на банкарскиот систем се одржуваа на солидно ниво, поради што потребата на банките за тргување со краткорочни денарски ликвидни средства на пазарите на пари и натаму е ниска. Пазарните движења, придружени со солидната девизна ликвидност на банките, во февруари, придонесоа за натамошно намалување на износот на интервенции за продажба на девизи од Народната банка за банките, којшто беше најнизок од почетокот на кризата наваму.

На седницата на Комитетот е заклучено дека засега тековите во економијата се стабилни, без поголеми отстапувања кај клучните макроекономски показатели во однос на проектираната патека. Неизвесноста и ризиците од пандемијата предизвикана од ковид-19 и натаму постојат, како во глобални рамки, така и во рамките на домашната економија. Народната банка и натаму со голема внимателност ќе го следи развојот на настаните и потенцијалните ризици од окружувањето и нивните ефекти врз домашната економија, заради соодветна и навремена реакција преку соодветно приспособување на политиките.