Лидерот на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) и актуелен пратеник, Васил Стерјовски, на претстојните парламентарни избори, што ќе се одржат на 25 април ќе се трка за нов пратенички мандат.
Стерјовски се наоѓа на кандидатската листа на владејачката Социјалистичка партија, со што МАЕИ стана единствена партија со која социјалистите настапуваат заедно на овие избори.
Пренесувајќи ја веста албанските медиуми оценуваат дека Стерјовски кој го претставува македонското малцинство е најдостоен претставник од општина Пустец.
-Постои 1001 причина за апсолутна победа на Стерјовски во областа од каде што доаѓа и е најдостоен претставник од општина Пустец. Оваа општина со силна македонска заедница претходно регистрираше рекорди, како по бројот на гласачи, така и по процентот на излезеност. Затоа нема да биде никакво изненадување тој повторно да биде нејзин пратеник иако се наоѓа на 12-то место на листата, оценуваат медиумите.
Стерјовски во албанскиот парламент влезе во мај 2019 година и во оценувањето на активноста на пратениците редовно е меѓу најактивните.
Со тоа 38-годишниот докторант на Институтот за национална историја во Скопје, стана прв пратеник во албанскиот Парламент од македонската партија и прв пратеник кој јавно се декларира како Македонец. Истата година беше избран и за лидер на МАЕИ, каде во изминатиот период беше на функцијата генерален секретар.