Османи пристигна во Рим на средби со високи италијански претставници и македонски граѓански здруженија

Шефот на дипломатијата Бујар Османи објави на Фејсбук дека пристигнал во Рим, каде ќе има средби со неговиот италијански колега Луиџи ди Мајо и високи претставници на Владата на Италија.

– Само што слетав во Рим на средба со мојот колега Луиџи Ди Мајо и високи претставници на италијанската Влада со цел продлабочување на билатералните односи и реафирмација на италијанската поддршка за нашата европска интеграција, вели Османи во видео објавата на Фејсбук.

Османи најави дека ќе има средби и со наши граѓани и граѓански здруженија, на кои главна тема ќе биде пописот на дијаспората.

– Исто така, ќе ја посетам и Светата столица на средба со секретарот за односи со државите, монсињор Пол Галагер. Се надевам на успешна посета во Рим за која ќе информирам во текот на денот, објави Османи.

На агендата на Османи, како што претходно соопшти МНР, е и состанок со членовите на Комисијата за надворешни работи при Долниот Дом на Парламентот, предводени од претседателот на Комисијата, Пјеро Фасино.

На средбите се очекува да бидат отворени прашањата поврзани со билатералните односи, иднината на процесот на проширување на Европската Унија, и во тој контекст, поддршката од страна на Италија за почеток на преговорите на Северна Македонија. Покрај политичките релации меѓу двете земји, на средбите ќе бидат опфатено продлабочувањето на економските односи, како и секторската соработка во останатите сегменти на општественото живеење.

На средбите во Светата столица, покрај можностите за унапредување на соработката меѓу Северна Македонија и Светата Столица во области од взаемен интерес, ќе се разговара и за теми засновани врз значајни историски врски, споделени културни вредности и заеднички духовно традиции.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *