Свети Поликарп, светителу Чудотворец!
Безгрешен, чист и праведен,
те врзаа на клада!
Те гореа на оган, но неможеа да те изгорат.
Пламенот те обвиткуваше,
но не те допираше.
Бог, со името Свое те спасуваше.
Со копје беа принудени
Низ пламенот да те прободат.
И истече многу крв маченичка
Од твоето тело пресвето,
Што сиот оган го изгасна
Свештеномаченику Поликарп,
епископе Смирненски!
Телото твое остана цело.
Чесното тело неизгорено!
И видоа грешниците и се уплашија
И пак ја засакаа злобата
И те отстранија од овој свет.
А ти отиде кон Господ, Заштиникот на животот твој.
Смртта дојде над незнабожните судии,
за да бидат низ сите векови во пеколот измачувани.
Свештеномаченик Поликарп бил крстен од Светиот апостол и евангелист Јован Богослов. Тој го вовел неискусниот Поликарп во верата Христова. Поликарп
уште од раното детство останал сираче. Него го израснала и воспитала благородната вдовица Калиста. Тој ги сожалувал сиромасите и вршел дела на милосрдност. Калиста го одредила својот посинок Св. Поликарп, за наследник на целиот свој имот и се упокоила. Тој сиот имот што го наследил, го разделил на сиромасите. Тој живеел во богоразмислување и молитва, како и во големо воздржување и девственост.
Апостолите го испратиле Поликарп во Смирна кај епископот Вукол, кој го ракоположил Поликарп за презвитер.
Свети Поликарп напишал многу посланици и корисни поу¬ки за спасение на душите на луѓето, многу корисни дела, но за жал многу од нив снемало за време на гонењето на Христовата Црква.
Апостолските епископи го хиротинисале Поликарп за епископ, а тој успешно управувал со Христовата Црква.
Бог го благословил и со дар на чудотворство. Светиот Поликарп исцелувал луѓе од разни болести. Имал и дар за прорекување. Тој јавно ја проповедал Христовата вера, вис¬ти¬на¬та за која го поучувале апостолите.
За време на царот Марко Аврелиј (161 – 180 год.), настанал го¬лем прогон на христијаните во Азија. Тогаш маченички го завршил својот земен живот свештеномаченикот Поликарп. За неговите страдања и крајот на земниот живот постои Посланица на Смирнската црква во која тој бил епископ. Ќе спомнеме дел од оваа Посланица:
Ви пишуваме, браќа, за други маченици и за светиот Поликарп, кој огнот на прогонот го изгасна со својата маченички пролеана крв. Тогаш многу свети маченици покажаа непобедливо јунаштво.
Судијата испратил свои слуги да го поведат Поликарп во градот Смирна, на денот на Велика Сабота. Кога го извеле пред суд судијата го убедувал да се откаже од Христос и да го изгрди, па ќе го пушти на слобода. Тој храбро изјавил дека не се откажува од Христа. На судијата му рекол: “Осумдесет и шест години Му служам на Христос и Тој никакво зло не ми направи. Како тогаш мојот Цар, Кој до сега прекрасно ме чуваше, да го хулам со погрдни зборови?… Јас не можам да го сменам подоброто за полошо”. Судијата му се заканувал дека ќе го спали. Тогаш Поликарп му одговорил: “Ми се закануваш со оган што се гаси, а не знаеш за нез¬гаслив оган, во кој безбожниците и неверниците вечно ќе го¬рат. Не одложувај повеќе, туку направи го брзо тоа што мислиш да го направиш“.
Судијата му објавил на целиот народ дека Поликарп изјавува дека е христијанин. Тогаш незнабошците и Евреите громогласно извикале: “Тој е разорител на цела Азија! Тој е татко на христијаните! Тој е уништувач на нашите богови! Запали го жив”!
Тогаш довлекле дрва и направиле голема клада. Го по¬ло¬жи¬ле на кладата седиот и убав старец “како овца, жртва мирисна на Бога”. Свети Поликарп се молел на Бога. Си¬лен пламен се разгорел. И еве чудо. Сите луѓе виделе како пла¬ме¬нот го обвиткува Поликарп, но не го допира. А Свети Поликарп стоел во средината на огнот, не како тело со оган изгорено, туку како злато во топилница очистено. Тогаш џе¬латот го прободел со копје, и од раната истекла тол¬ку многу крв, што целиот оган се изгаснал. Телото на светителот останало цело и неизгорено.
Судијата наредил мртвото тело на Поликарп да се изгори, спо¬ред елинскиот обичај. Неговото тело “додека било живо, огнот не мо¬жел да му нашкоди, а мртво, тоа се подаде на силата на огнот”. Бог го удостои да го носи името Светител и му дарува негнилежен венец на славата.
Овој голем чудотворец пострадал на 8 март во 167 година, на Велика Сабота. Неговите зборови искажани кон судијата: Не можам да го сменам подоброто за полошото!, одекнуваат низ сите векови кога безбожниот судија насилно го терал да се откаже од Христа.