Џафери се сретна со европратениците Вајгл и Кукан

Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери на денешната протоколарна средба ги информирал европратениците Иво Вајгл и Едуард Кукан  за тековните активности на македонскиот Парламент и за последните случувања во земјата на политички план.

Европратениците, како што соопшти собраниската прес-служба, изразиле задоволство од постигнатите резултати и стабилизацијата на работата на законодавниот дом.

Тие искажале подготвеност да ги поддржат сите активности кои би ја подобриле соработката на парламентарното мнозинство и опозицијата, со цел да се заокружат реформските процеси и земјата да се движи во позитивна насока на патот кон пристапување во Европската унија.

На средбата, како што е наведено во соопштението, уште еднаш се потврдиле заложбите на Европскиот парламент да се зајакне соработката со Собранието на Република Македонија во насока на поддршка на евроинтегративните процеси на земјата и реализацијата на реформските процеси, неопходни за добивање на позитивен извештај за напредокот на Република Македонија и за отпочнување на преговори за полноправно членство во европското семејство.

Европратениците Вајгл и Кукан учествуваат на Конференцијата на парламентарните Комисии за европски прашања и интеграции на државите опфатени во процесот за стабилизација и асоцијација од Југоисточна Европа – КОСАП, што се одржува во Собранието на Република Македонија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *