Јужнофриканскиот сој се уште не е детектиран, карантин за патниците од Африка, не се исклучени нови рестрикции

Расте бројот на новозаразени и на активни случаи со Ковид-19, се повеќе со британскиот сој кој побрзо се пренесува и се шири. Во земјава се уште не е детектирано присуство на јужноафриканскиот сој на вирусот. Кај едно од двете лица кои се вратија од Занзибар со ковид симптоми потврден е британскиот сој, а за вториот резултатите ќе бидат познати денеска.

Двајцата пациенти се хоспитализирани веднаш откако ги добиле првите симптоми на вирусот СарсКОв2.

Комисијата за заразни болести предложи задолжителен домашен карантин од 14 дена за лица кои доаѓаат од сите африкански земји.

Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести согласно актуелната епидемиолошка слика и анализите на Институтот за јавно здравје, не ја исклучуваат можноста да се донесат препораки за нови мерки со цел спречување понатамошно ширење на Ковид-19. Апелираат до граѓаните задолжително да ги почитуваат здравствените мерки и протоколи, како носење маска, одржување хигиена на раце и држење дистанца.

Во претходното деноноќие беа регистрирани нови  807 случаи на коронавирусот од направени 3.312 тестирања. Починати се пет лица, а оздравени  314 пациенти.
Досега во земјава се направени вкупно 530.182 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани од почетокот на епидемијата изнесува 104.548, на оздравени е 92.189, а на починати  3.156. Бројот на активни случаи изнесува 9.203.
На инфективните оддели во болниците низ земјава се лекуваат вкупно 750 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. Вкупно 307 лица се хоспитализирани во Скопје, а 443 во другите градови.

Во ковид-центрите има околу 360 празни болнички кревети.

Во очекување на пратките вакцини со кои треба да почне масованата имунизација на наслението, продолжува вакцинацијата на здравствените работници со 8000 вакцини на Фајзер кои пристигнаа во земјава преку Србија.

Вакцина против Ковид-19 до вчера примиле 2.860 здравствени работници. Имунизацијата се одвива во модуларната болница при Инфективната клиника во Скопје.

Преку веб-страницата „vakcinacija.mk“ досега за вакцинација се пријавиле 72.400 граѓани, а 46.810 преку матичен лекар.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *