Со нови фотографии и документи подновената спомен-собата на Крсте Мисирков

По повод 95-годишнината од смртта на великанот Крсте Мисирков, денеска беше свечено отворена подновената спомен-соба на Мисирков во Институтот за македонски јазик во Скопје.

Министерката за образование и наука Мила Царовска на свеченоста истакна дека настанот е значаен не само за МОН и за Институтот, туку и за целата држава, и отвара поголема можност за учениците, но и граѓаните да се запознаваат со делата и животот на Крсте Мисирков.

– За да може да се покаже и иницијатива за грижа за опстојувањето на македонскиот јазик и луѓе кои ќе го предаваат македонскиот јазик, и понатаму ќе го истражуваат, обезбедивме 15 стипендии за студенти, кои во моментов се на студентските програми. На тој начин обезбедуваме еден континуитет, но заеднички со Институтот работиме и на унапредување и сите оние иницијативи коишто доаѓаат од нив и се прифатени од Министерството, затоа што и Владата и МОН и Министерството за култура даваат навистина голема поддршка на овие процеси за задржување, негување, но и унапредување на македонскиот јазик во нашата држава, вели Царовска.

Директорката на Институтот за македонски јазик др. Елена Јованова – Грујовска истакна дека поставката постои над 40 година, а ова е второ нејзино подновување, кое е во чекор со техничко-технолошкиот развој. Подготвена е од вработените во Институтот, а е реализирана со финансиска поддршка од МОН и од Градот Скопје.

– Во подновената поставка се обидовме да ги вклучиме минатото и резултатите од новите истражувања, а содржи и нови фотографии… Многу сме горди што ова се реализира во годината кога одбележуваме 95 години од смртта на Мисирков, 100 години од раѓањето на Благоја Корубин, еден од основачите на Институтот и особено во годината на Конески. Мисирков во книгата за „Македонцките работи“ ги постави основите на првата стандардизација на македонскиот јазик, Конески ги реализира идеите за соврема македонска азбука, правопис и институционална кодификација на македонскиот јазик во македонската држава, рече Јованова – Грујовска.

Во годината на Конески таа најави дека Институтот за македонски јазик се јавува како носител или коорганизатор на повеќе настани и манифестации, а посебно го издвои електронското издание на Толковниот речник на македонскиот јазик, за кој минатата година оваа институција ја доби наградата за наука „Гоце Делечв“.

Според Институтот, старите документи од претходната поставка се зачувани во електронска форма и заедно со нови фотографии и документи, сведочат за целиот живот на Мисирков, почнувајќи од детството, преку училишните клупи и студиите до образовната, научната, дипломатската и револуционерната активност на првиот кодификатор на македонскиот јазик. Посебно место зазема книгата „За македонцките работи“, објавена во револуционерната 1903 година, пред цели 118 години.

До минатата година Спомен-собата на Мисирков ја имаат посетено повеќе илјади ученици од целата земја. За сите посетители (ученици, професори и научници од земјава и странство) изложбата е бесплатна.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *