Владата ниту преговарала, ниту ќе преговара за македонскиот идентитет и јазик, коментарите на Георгиевски се негов личен став, нагласи премиерот

Владата ниту преговарала, ниту ќе преговара за македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Тоа е универзално право на сите нации да имаат свој јазик и да имаат свој национален идентитет, тоа е прашање кое е јасно и недвосмислено фиксирано со меѓународни повелби. Мислењето на нашиот коалициски партнер Љубчо Георгиевски е негово лично мислење.

Ова денеска го изјави премиерот Зоран Заев во одговор на новинарско прашање да ги искоментира ставовите на коалицискиот партнер Љубчо Георгиевски , чиј план за решавање на проблемот со Бугарија што го изнесе на социјалните мрежи викендов, предизвика бура од реакции.

Информираше дека уште вчера разговарал со Георгиевски, при што тој му потврдил дека тоа е негов личен став, и како што рече, му објаснил дека тоа не може да биде став ниту на Владата ниту на коалицијата заради тоа ставовите на Владата по тоа прашање се јасни.

-Не постои никаде во светот, па ниту кај нас да си легнете на 31 декември ’43 како Бугари и да се разбудите на 1 јануари ’44 како Македонци. Тоа го нема никаде. Затоа ни Европа не навлегува во дебатите за историјата. Со Бугарија имаме потпишано Договор во кој прифаќаме заедничка историја меѓу двата народи и двете држави. И тоа е навистина еден сериозен исчекор во духот на пријателството, рече Заев на промоцијата на проектот за реконструкција на Универзалната сала.

Според премиерот, Бугарија иако ги признава Македонците и македонскиот јазик како реалност бара да разговара за минатото, но тоа, вели е доминантно прашање на историчарите, изразувајќи уверување дека ќе изнајдат начини токму како историчари да го заокружат делот на минатото што Бугарија сака да го утврди.

Изрази надеж дека ќе има поместување во изнаоѓање на решението по изборите во Бугарија.

-Верувам дека ќе се изнајде решение, не би давал длабински коментари, бидејќи сега во Бугарија има избори. А по изборите штом ќе се формира владата во Бугарија ние ќе продолжиме уште посуштински да навлеземе во преговорите, бидејќи сакаме час поскоро да најдеме решение и ние да го продолжиме нашиот европски пат и да ја одржиме првата меѓувладина конференција, истакна Заев.

Претседателот на ВМРО-Народна партија, Љубчо Георгиевски во саботата на социјалните мрежи објави акциски план за излез од, како што вели, „ќорсокакот во односите со Бугарија“. Тој предлага Северна Македонија да даде гаранции дека нема претензии кон Источна Македонија и нема да го помага македонското малцинство во Бугарија. Понатаму, бугарскиот Парламент во декларација да изјави дека под поимот македонска нација и македонски јазик подразбира само нација и јазик кои се формирани после 1944 година. Натаму тој се залага за промена на стратегијата на историските комисии, а последно тој предлага македонската страна да ја даде под концесија железничката пруга на бугарските железници со пресметан екстра профит да ја доградат.

СДСМ вчера се огради од ставовите на Георгиевски, со став дека партијата останува на своите јасни и веќе кажани ставови околу ова прашање. -Остануваме отворени за дијалог за изнаоѓање на решение меѓутоа повторувам уште еднаш македонскиот јазик и македонскиот идентитет не се тема на разговор. Ниту се разговарало, ниту во иднина ќе се разговра на оваа тема. Ставовите на господинот Георгиевски се негови лични ставови со кои ние апсолутно немаме никакви допирни точки, рече Марија Георгиевска, пратеничка на СДСМ.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *