Еко Герила со писмо до премиерот, бара одговори за штетноста за водата за пиење поради изградбата на хидроцентралите

Здружението Еко Герила испрати писмо до премиерот Зоран Заев прашувајќи го дали знае дека веќе се чувствуваат проблемите со водоснабдувањето поради изградбата на хидроцентрали на Шар Планина поради што се загрозуваат природните извори со вода. Тие образложуваат и го прашуваат премиерот дали постои свесност кај Владата дека се даваат субвенции за тие објекти со кои се уништува природата и животната средина.

-Почитуван премиер Заев, дали знаете дека последните денови Тетово остана без вода? Причина: во локацијата Лешница во Шар Планина во новоизградената станица има големи одрони кои сериозно ја оштетиле мрежата. Последици: локацијата на малата хидроелектрична централа е на растојание од околу 300 метри од самата каптажа, која е една од хидроцентралите кои ја уништуваат животната средина во Шар Планина. Директорот на Инспекторатот за животна средина, Ана Петровска, во месец ноември предупреди дека со изградбата на хидроцентралата во Лешница постои можност за загадување на водите и водоснабдувањето на градот Тетово. И токму денес ние се соочуваме со овие последици. Еколошките организации и ескпертите ве предупредија претходно за овие катастрофални последици, велат во писмото од Еко Герила.  

Според тетовската организација законот за прогласување на Шар Планина за национален парк е направен на таков начин што овозможува изградба на хидроцентрали во заштитени подрачја. Според нив со тоа Владата грубо ги крши Бернската и Архуската Конвенција.

-Здружението Ековест и Македонското еколошко друштво ви се обрати со барање за раскинување на концесиите за малихидроелектрични централи во Шар Планина и барање за укинување на субвенциите за повластени производители на електрична енергија од мали хидроелектришни централи, образложувајќи ги сите причини и аргументи. Не знаеме дали сте го прочитале и дали сте одговориле на ова писмо. Како што сте веќе запознаени, малите хидроцентрали придонесуваат во националниот енергетски систем со околу 4,6 проценти од вкупното производство на електрична енергија, и се годишно субвенционирани со над 13 милиони евра – средства кои директно се наплаќаат од сметките за електрична енергија на граѓаните. Штетите од овие мали хидроцентрали се познати и кај нас, но и во соседните држави. Дали сте свесни дека Владата со ова субвенционира екоцид со уништување на природата и животната средина, прашуваат во писмото од Еко Герила.

Понатаму тие потенцираат дека селата Теарце, Доброште се лишени од правото на вода за пиење од почетокот на изградба на малите хидроцентрали и се принудени да купуваат флаширана вода за пиење. Прашуваат што Владата има направено за тоа.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *