Стерјовски и Заев разговараа за положбата на македонската заедница во Албанија

Претседателот на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, воедно и пратеник во албанскиот Парламент, Васил Стерјовски, вера попладне остварил средба со премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев.

– Срдечна средба во Владата на Република Македонија со премиерот, Зоран Заев со кого разговаравме за положбата на македонската заедница во Албанија и за меѓусебната соработка на Албанија и Македонија, напиша Стерјовски на „Фејсбук“.

За средбата простор отстапија и албанските медиуми.

– Пратеникот од Корча, Васил Стерјовски го прави она што многумина не го прават. Овој пратеник долго време лобира во Македонија за албанско-македонската заедница во Република Албанија. Тој се сретна со македонскиот премиер Зоран Заев, наведува телевизијата „Корча“.

Според дел од медиумите, меѓу другото на средбата станало збор и околу барањето на Македонците од Голо Брдо граничниот премин Џепиште-Требиште, кај Дебар што побрзо да почне да функционира 24 часа и од локален премин од трета категорија, да премине во регионален премин од втора категорија.

– Владите на двете земји на заедничката седница одржана во Поградец на 15 декември 2017 година донесоа одлука граничниот премин Џепиште – Требиште да работи 24 часа, но оваа одлука сè уште не е спроведена. Ова прашање Стерјовски го актуализира и на седница на албанскиот парламент, додаваат медиумите.

Овој премин беше отворен во 2013 година и работи од 8:00 до 20 часот во летниот период и од 8:00 до 18:00 часот во зимскиот период, со заедничка полициска контрола а бидејќи е од локален карактер тука може да минуваат само жителите од пограничниот регион од двете држави.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *