Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков доби казна затвор од 12 години за предметот „Таргет-Тврдина“, што се однесува на масовното прислушување и уништување на опремата од (УБК).
Мијалков е обвинет дека сторил кривично дело „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „примање награда за противзаконито влијание“.
Поранешната министерка за вантрешни работи Гордана Јанкулоска е осудена на четири години затвор.
Пресудата ја изрече петчлениот судечкиот совет во состав Џенета Бектовиќ како прв судија, Владимир Туфегџиќ како втор судија и тројца поротници.
Судијата Туфегџиќ, во обрaзложението на пресудата рече дека масовноста на прислушувањето и самите жртви ја покажуваат потребата на самото прислушување, а тоа е да се воспостави целосна контрола на општествениот, економскиот и политички систем.
– Особена тежина на целото прислушување е уништувањето на опремата, по објавувањето на масовното прислушување. Опремата е уништена со умисла и со тоа се уништени доказите за делото, рече Туфегџиќ.
Оваа кривична постапка, нагласи, има големо значење за системот во целина и особено треба да служи како опомена за органите како УБК да не се повторат ваквите случувања во иднина.
Во овој предмет обвинети се и поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во бегство во Грција, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Прислушувањето директно и индиректно опфатило околу 20 илјади граѓани.
Судењето за „Таргет – Тврдина “ започна на 22 декември 2017 година. Застапници на обвинението се Ленче Ристовска и Трајче Пеливанов.