Британската амбасадорка Галовеј во посета на Штип

Амбасадорката на Велика Британија, Рејчел Галовеј денеска е во посета на Општина Штип, каде на средбата со градоначалникот Сашко Николов разговарале за проектите кои општината ги реализира од европските фондови, но и за трговската соработка меѓу Велика Британија и Северна Македонија.  

-Денеска имавме разговор и дојдовме до заклучок дека Штип како текстилна индустрија, како текстилен центар и како центар на кожната индустрија, па и на металуршката можеме да најдеме многу допирни точки со Британија. Наместо да се фокусираат нашите компании  за соработка со еден партнер да имаат повеќе партнери во Британија, во Германија, во Франција, во Австрија со цел ваквите пандемиски кризи коишто може да предизвикаат и економска криза многу помалку и послабо да ги осетат како негативен ефект од целата оваа ситуација во која што живееме сите, вели Николов.

Посочи дека Општина Штип во наредниот период  со тимот на Галовеј ќе соработува за да  се воспостави онлајн форум со компаниите, а со  цел да се изнајдат комуникации и партнери во Велика Британија со што ќе започне една трговска, економска, општествена и социјална соработка.

Британската амбасдорка посочи дека општина Штип се справува со пандемијата, но и како после пандемијата соработката да се врати подобро и посилно.

Како што спомна и градоначалникот, разговаравме за можноста за соработка во повеќе области. Една од нив беше во индустријата и во оние области коишто се моментално активни каде може да соработуваме заедно.  Драго ми е што сум денеска тука и ќе имам можност  да се сретнам со повеќе луѓе кои работат во текстилната индустрија. Дел од тимот на Амбасадата ќе има средби паралелно со мојата посета и со компании и други претставници од асоцијации, вели Галовеј.  

Забележа дека трговската размена меѓу Велика Британија и Северна Македонија лани е зголемена.

– Многу ми е драго што трговската размена како што видовме лани се зголеми помеѓу нашите две држави и се надевам дека ќе има можност и за понатамошен развој и соработка. Јас сум од Манчестер и исто би ми било многу драго и работиме на тоа да се зголеми трговката размена помеѓу нашите две држави, рече Галовеј.  

Прашана за олабавувањето на мерките во нејзината земја и граѓаните кои побрзаа да уплатат туристички аранжмани, Галовеј вели дека  се надева оти сите ќе го видиме светлото на крајот на тунелот, но сите мора да ја следат ситуацијата со пандемијата.