ИЗЛЕЗЕ ОД ПЕЧАТ МОНОДРАМАТА ЧЕНТО ОД ДУШАН РИСТЕВСКИ – МАКЕДОН ОД СИДНЕЈ

Во издание на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ и „Австралиско – македонскиот театар“ од Сиднеј, излезе од печат монодрамското дело „Ченто“ од познатиот македонски иселеник, познат и признат поет, драматург, автор на седум стихозбирки, 5 монодрами и 13 драми,  М-р Душан Ристевски – Македон. Ова монодрамско дело е посветено на страдалникот за обединета Македонија –  Методија Андонов – Ченто.

.Делото „Ченто“ на М-р Душан Ристевски – Македон е посветено на македонскиот национален борец, деец и политичар и прв претседател на Президиумот на АСНОМ – Методија Андонов – Ченто, кој се именува и како прв Претседател на Македонија.Тоа е една од значајните публикации на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ и Австралиско – македонскиот театар од Сиднеј, чиј рецензент е новинарката Фиданка Танаскова.

Според зборовите на познатиот и признат македонски иселеник од Австралија, Душан Ристевски испирација за ова театарско дело му бил мотивот што: Методија Андонов – Ченто бил претседател на привремената македонска влада за време на Втората светска војна кога Македонија беше окупирана од фашистите и монархофашистите на Германија, Бугарија, Италија и Грција и што тој бил и прв претседател на македонската влада после формирањето на Република Македонија во составот на југословенската федерација.

За жал, во еден подолг период Методија Андонов – Ченто небеше присутен во македонската историја, како да испарил од политичката сцена без некое објаснување. Секако неговите современици мошне добро знаеја дека подолго беше отстранет и затворен во самица повеќе години, но за помладата генерација тој беше енигма и токму поради тоа се јави љубопитност кај Душан Ристевски да се истражува делото на големиот Македонец Методија Андонов – Ченто. За него Ченто е еден идеолог за независна и обединета Македонија, идеолог за воспоставување демократска држава на Македонците кои самостално ќе ја решаваат својата иднина.

Голем дел од вистина за Ченто е потврден во рецензијата на Фиданка Танаскова, која, меѓу другото вели: „Во летописните страници на македонскиот историски незаборав, посебно место има делото, непокорот, визиите и трагиката на Ченто. Неговата животна драма се одигрува во средината на минатиот век и долго време беше табу-тема во заклучени архиви и тајновит молк. Таа тема била силен предизвик за истакнатиот автор Ристевски, кој ја обликува и ја компонира извонредно вешто, вообличувајќи ја во прекрасна монодрамска креација.

Овој драмски текст на Душан Ристевски е своевиден историски хронопис и спојовник на дел настани од повоениот виор во турбулентни времиња. Во години, кога на политичкиот мегдан некои беа детронизирани, некои беа директно сместени меѓу неподобните, други спроведувани во занданите, а некои беа диригентите“, пишува Фиданка Танаскова.

М-р Душан Ристевски – Македон, пак, ќе напише дека тој бил лично шокиран кога во 1990 година ги читал написите во весникот „Нова Македонија“ од новинарката Фиданка Танаскова, на која иако и се претело поради написите, херојски истапувала пребарувајќи во забранетиот архив и разговарајќи со Чентовите другари и соборци,за потоа да изнесе факти кои дотогаш никој не ги знаел, од прости причини што истите не биле достапни на јавноста. Сето тоа го поттикнало и му дало инспирација да напише монодрама за личноста на Ченто,  за кој многу малку се знаело во македонското иселеништво.

Исто така, Ристевски вели дека  во период од триесетина години Македонците во Австралија направија успешни обиди на полето на театарот. Така, театарски групи од македонски доселеници и бројни Македонци родени на петтиот континент, од повеќе градови ширум Австралија презентираа интересни театарски претстави кои оставија видливи траги на полето на театарската уметност.

Една од тие македонски театарски групи е, секако „Австралиско-македонскиот театар“. Овој театарски состав е формиран во 2007 година со цел да ја промовира македонската драмска и театарска уметност и да ги обединува луѓето со македонско потекло кои се активни и креативни во драмските, сценските, театарските продукции и творештвото.

Еден од издавачите на монодрамата „Ченто“, „Австралиско-македонскиот театар“ од Сиднеј е познат и признат театарски состав на широко меѓу македонската и австралиската публика не само во Австралија, туку и со двете гостувањата во повеќе градови во Република Македонија ги освои симпатиите кај театарската публика и вљубениците во македонската иселеничката проблематика.

Според зборовите на драматургот Душан Ристевски, „Австралиско – македонскиот театар“ премиерно се претставил пред австралиската публика со делото  „Ченто“ на  28 ноември 2015 година, во просториите на Hurstville Civic Theatre, MacMahon Street, Hurstville. Ликот на Ченто го одиграл Васко Србиновски, кој повеќе од дваесет и пет години од животот ги посветил на театарот, на кој театарот постанал негов неразделен дел од секојдневниот живот, како актер и режисер. Режисер на претставата „Ченто“ бил познатиот иселеник по потекло од егејскиот дел на Македонија Стефо Нанцу, кој е драмскиот писател и режисер, а се јавил и како актер  во повеќе улоги.

Исто така, Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ е издавач на монодрамата „Ченто“. Тоа е една од најзначајните македонски асоцијации во Сиднеј и пошироко како прво литературно друштво од таков вид во дијаспората. Друштвото беше формирано на 31 март 1978 година од група ентузијасти и вљубеници во македонскиот мајчин јазик, литературата и културата.

Како орган на Македонското литературно друштво „Григор Прличев„ излегуваше списанието „Повод“, кое беше едно од најзначајните македонски гласила. Тоа беше прво македонско списание во Австралија и единствено од таков вид во иселеништвото.

Душан Ристевски беше првиот избран претседател на Друштвото, во кое денес се зачленети десетици познати и признати Македонци од сите делови на Македонија кои се вљубеници во убавиот македонски литературен јазик, во поезијата и прозата, во публицистиката и новинарството, во зближувањето на македонските доселеници, коишто се активни на полето на литературата.

М-р Душан Ристевски – Македон, пак, е познат и признат поет, драматург, автор на седум стихозбирки, 5 монодрами и 13 драми, основоположник на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ (1978), на списанието „Повод“ (1978), на Австралиско-македонскиот театар (2007) од Сиднеј и голем афирматор на Македонците во Австралија. Тој е еден од најактивните и најценетите македонски општествени дејци во Австралија.

Сите активности на полето на журналистиката, литературата, публицистиката и театарот на Душан Ристевски придонесоа тој да стане член на Друштвото на писателите на Македонија, член на Друштвото на новинарите на Македонија и член на Македонското научно друштво од Битола.

М-р Душан Ристевски – Македон е битолчанец кој од 1973 година живее и работи во Сиднеј, Нов Јужен Велс. Се школувал во демократска Австралија каде завршил Виша социјална школа, дипломирал на Факултетот по социологија и во 1996 година магистрирал на Факултетот по социологија и хуманистика во Сиднеј. Во исто време, М-р Душан Ристевски е личност која е на распетието меѓу родната земја Македонија и втората татковина – Австралија.

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *