КЛИМЕНТ – ПРВИОТ МАКЕДОНСКИ МИТРОПОЛИТ И ПРВ ПРЕСПАНСКО – БИТОЛСКИ АРХИЕРЕЈ

Митрополит Климент чие световно име пред хиротонијата за архиереј на MПЦ му беше Никола Трајков, е прв македонски митрополит преспанско-битолски, прв архијереј во Битола по обновувањето на Македонската православна црква и втор македонски архијереј потписник на соборската Одлука од 1967 година за обнова на афтокефалниот статус на Македонската православна црква (денес МПЦ – ОА).

Како резултат на вистината дека историјата на македонскиот народ во изминатите години секогаш била тесно врзана со Македонската православна црква, владиката Климент (Никола Трајков) секогаш се борел за независност на својата Православна црква., бидејќи Црквата била таа која организирала голем дел од дејностите на македонскиот народ, пред се’ преку градење цркви и манастири.

Тоа особено е изразено во неговиот роден град Битола, градот на конзулите, како што го нарекуваат, град кој прослави јубилеј – 1.000 години од името Битола и е најголем градски центар во Пелагониската Котлина. Првпат името Битола се споменува во една повелба на Цар Самуил од 1014 година под името „Обител“ – старословенски збор што означува манастирски стан, семејство.

Инаку, на митрополитот Климент му го покажа патот на иднината просветителската дејност на свети Климент Охридски која била почувствувана и во Битола и Битолско. Во градот со голем број христијански храмови – цркви и манастири (обители) свети Климент имал свои ученици кои ја развивале Битолската препишувачка школа, а Самуиловото владеење создало уште поповолни услови за сестран развиток на Битола.

1vladi 13Битола

Никола Трајков (митрополитот Климент е роден на 3 август 1912 година во Битола. Основно образование и гимназија завршил во родниот град. Студирал право на универзитетите во Белград и Софија. Работел како наставник во битолската гимназија, потоа во Историскиот архив во градот, а подоцна и како судија во Народниот суд на општина Битола. Тој се занимава со историско истражување.

Тој бил познат и како исклучително надарен педагог. Во својата долгогодишна просветна дејност успеал на своите ученици, од кои многумина биле на високи места во тогашната државна администрација, културата и просветата, со многу љубов да им ја доближи историјата на македонскиот народ.

Зачудувал со неговата меморија и неговото енциклопедиско знаење за низа најситни подробности, не само од познатите историски настани, туку и од историјата на одделни семејни родослови и историското минато на одделни населени места во нашата земја.

По Втората светска војна Никола Трајков активно се вклучува за обнова на Македонската православна црква (МПЦ). Иако бил граѓанско лице, како истакнат активист за создавање на автокефална Македонска православна црква, од иницијативниот одбор во Скопје бил предложен за епископ. По неговото замонашување, набрзо станал прв митрополит преспанско-пелагониски и прв архиереј, хиротонисан во МПЦ по нејзиното укинување во 1767 година.

Имено, во 1958 година Никола Трајков бил замонашен во манастирската црква „Св. Богородица“ во скопското село Побожје. Потоа бил ракоположен за ероѓакон и свештенојереј во црквата „Св. Мина“, Скопје, а во Битола во храмот „Св. Димитриј“ е произведен за архимандрит.

На 19 јуни 1959 година во црквата „Св. Мина“ во Скопје бил хиротонисан за архијереј од поглаварите на СПЦ и на МПЦ Герман и Доситеј Охридски и епископите Никанор Бачки, Симеон Горнокарловачки и Висарион Банатски и станал прв епископ на Преспанско-битолската епархија во Битола. Тоа беше отворање на патот на самостојност на Македонската православна црква и зголемување на бројот на македонските архиереи.

1vladi 14Црквата „Свети Климент Охридски“ во Охрид

Така и се случи кога на 26 јули 1959 година, во Штип, архиепископот Доситеј заедно со митрополитот Климент го хиротонисаа архимандритот Наум и формираат Свет архијерејски синод на обновената Охридска архиепископија во лицето на Македонска православна црква. 

Одлуката за самостојност на денешна Македонската православна црква-Охридска архиепископија беше потврдена преку отслужувањето на заедничка архијерејска литургија со српскиот патријарх Герман, на 19 јули 1959 година, во црквата „Свети Мина“ во Скопје, и, истовремено, е извршена и хиротонија на преспанско-битолскиот владика Климент. Со тоа, Светиот архијерејски синод на Српската православна црква даде самостојност на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, со тоа што, таа и понатаму останува во канонско единство со Српската православна црква преку нејзиниот патријарх

Во продолженија, на 17 и 18 јули 1967 година митрополитот Климент учествувал на Третиот архиепискописки  врковно-народен собор одржан во црквата „Св. Богородица Перивлепта“ („Св. Климент“) во Охрид, на кој на 17 јули Соборот едногласно усвоил посебна Резолуција со која од името на сето свештенство и на православниот македонски народ Синодот на Македонската православна црква ја прогласи за автокефална.

Утредента, на 18 јули 1967 година била донесена Одлука за прогласување на автокефалноста на Македонската православна црква, со архиепископско достоинство, со сопствен Поглавар, Синод, Устав и целосно самостојно уредување. Чинот на прогласувањето на автокефалноста на Македонската православна црква е извршен на Светата архиерејска литургија, отслужена во црквата „Свети Климент Охридски“ на 19 јули 1967 година, од страна на Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА. Точно 200 години по нејзиното укинувањето од страна на турскиот султан.

1vladi 15Првите владици на МПЦ

Инаку, треба да се нагласи дека диецезата на Македонската православна црква не се протега само на подрачјето на Македонската држава, туку и во црковните општини надвор од границите на Републиката. Според точката 17 од образложението на Одлуката за автокефалност, Македонската православна црква како административен дел од едната, света, соборна и апостолска црква, ќе ги чува Светото писмо, Светото предание, апостолските Правила и прописите на вселенските и помесните собори и ќе се раководи согласно со нив и со Уставот на Македонската православна црква.

Нејзината девиза е, молејќи се смирено за другите, Македонската православна црква секогаш ќе се потпира на молитвите, благословот и врз помошта на постарите свети сестрински и помесни православни Цркви, се вели во историјата на Македонцката православна црква.

Тогаш биле формирани уште две епархии: Дебарско-кичевската и Американско-канадско-австралиската. Синодот кој го сочинувале архиепископот Доситеј и епископите Климент, Наум, Методиј и Кирил ја потпишале Одлуката за автокефалноста на Македонската православна црква.

По долго боледување, на 18 јуни 1979 година, митрополитот  Климент се упокоил во Битола. Погребан беше во црквата „Св. Богородица“ во Битола.

Продолжува

1slave 1 Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *