Бектеши: Претседавањето ја изразува нашата волја и посветеност за обезбедување на непречено спроведување на ЦЕФТА договорот

Слободното движење на стоките, слободна трговија со услугите, отстранување на пречките во трговијата со стоките и услугите, дополнителниот протокол 7 за решавање на споровите, како и институционалниот развој на ЦЕФТА структурите ќе бидат прироитет на нашето претседавање со Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА) во 2021 година, а примената на ЦЕФТА договорот и активностите предвидени во Акцискиот план на Заедничкиот регионален пазар 2021-2024, ќе бидат основите за нашето претседавање, порача денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

Претседавањето со ЦЕФТА, како што рече на денешната прес-конференција во Владата заедно со евроамбасадорот Дејвид Гир, ја изразува нашата волја и посветеност за обезбедување на непречено спроведување на ЦЕФТА договорот.

-Клучниот столб на нашето претседавање е трговијата. Овој столб има за цел олеснување на слободното движење на стоки, капитал, услуги и луѓе меѓу земјите на ЦЕФТА со цел да се овозможи просперитет и благосостојба за сите граѓани. Активност која ја наметна пандемијата е продолжување на функционирање на Зелените  коридори  за полесно транзитирање на стоки низ регионот како и за проширување на овие коридори кон соседните ЕУ земји, рече Бектеши.

Појасни дека во делот на олеснувањето на трговијата со стоки ќе се фокусираме на заемното признавање на трговските документи, поедноставувањето и усогласувањето на процедурите и понатамошното усогласување со регулативата и стандардите на ЕУ.

-При тоа нашите активности ќе бидат насочени кон следење на напредокот евидентиран во секоја ЦЕФТА страна во врска со елиминацијата на пријавените нетарифни бариери, подготвување  единствен список со сите такси и давачки за увоз или извоз на стоки, подготовка на Акцискиот документ за имплементација на инфраструктурата за квалитет, спроведување на програмите за заемно признавање на Овластените економски оператори и други, посочи Бектеши.

Главен фокус во делот на спроведувањето на трговијата со услугите, нагласи, ставаме на олеснување на трговијата со туристички услуги, поштенски и финансиски услуги, како и договор за решавање на клучните трговски бариери во туризмот и овозможување на меѓусебно признавање на лиценците, идентификување на моделите на соработка со цел да се намалат трошоците за движење на луѓе, стоки и услуги поврзани со осигурувањето во регионот.

-Меѓу активностите на нашето претседавање оваа година ќе биде и идентификување на клучните слабости во регионалната испорака на пратки во поштенските услуги, донесување одлука за воспоставување општ систем на признавање професионални квалификации за одделна професија со постепено проширување на други професии, усвојување рамка за заемно признавање на електронските потписи, како и други форми на електроска идентификација, истакна министерот.

Еден од приоритетите со нашето претседавање со ЦЕФТА, додаде, ќе биде и спроведување на Водичот  за електронска трговија на ЦЕФТА, каде што ќе се насочиме на поставување рамка за регулаторно олеснување на дигиталната трговија.

-Со оглед на тоа што во минатите години бевме сведоци за одредени нетарифни бариери, во 2021 година ќе се фокусираме и на подготвување на првиот извештај за нетарифни бариери со цел да се идентификуваат трговските пречки со кои се соочува бизнисот во регионот. Како еден од приоритетите на претседавањето се и преговорите и склучувањето на Дополнителниот протокол 7 за решавањето на споровите со кој ќе се создаде правна рамка за решавање и елиминирање на трговските бариери меѓу членките на ЦЕФТА за кое веќе е одржана една рунда на преговори во земјата, нагласи Бектеши.

Во институционалниот развој, како што кажа, ќе се работи на организациско и функционално подобрување на работата на ЦЕФТА Секретаријатот.

Евроамбасадорот Гир посочи дека економскиот инвестициски план што беше презентиран меѓу ЦЕФТА и ЕУ има за цел подобро меѓусебно интегрирање на земјите од Западен Балкан, како и со Унијата, додавајќи дека претседавањето на Северна Македонија со ЦЕФТА дава можност за значаен напредок во многу области.

Планот, рече Гир, става силен акцент за градење заеднички регионален пазар како начин да се зголеми кон конкурентноста на Западен Балкан, што е особено важно за економското пост ковид заздравување и е битен услов за привлекување инвестиции.

-Градењето на заедничкиот пазар за 18 милиони луѓе е пресвртница за Западен Балкан за да се интегрира уште повеќе во заедничкиот пазар на ЕУ уште пред самото интегрирање во Европската Унија, рече евроамбасадорот.

Република Северна Македонија во 2021 година претседава со Централно-европскиот договор за слободна трговија – ЦЕФТА 2006. Претседавањето доаѓа во момент на започнувањето со имплементацијата на Акцискиот план на Заедничкиот регионален пазар, кој беше усвоен во Софија во ноември 2020 година и во чија реализација учествуваат ЦЕФТА и Регионалниот Совет за соработка.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *