Донација од Амбасадата на Јапонија, вредна 60 илјади евра, ќе добие гостиварската Општа болница „Ферид Мурад“. Преку грант, вреден 60.635 евра во рамки на програма за мали проекти и човекова безбедност, ќе се обезбеди современа медицинска опрема. Со овој проект се обезбедени средства за набавка на дигитален апарат за радиографија, со што ќе се подобри квалитетот на услугите во Одделот за радиологија.
Амбасадорот Хиронори Савада денеска го потпиша договорот за грант, на кој присуствуваа и градоначалникот Арбен Таравари и директорот на болницата Јакуп Јакупи.
– Во време кога светот се соочува со една од најголемите здравствени кризи, со сериозни социо-економски последици, оваа помош од амбасадата на Јапонија, која е дел од Грант програмата за мали проекти за човечка безбедност (ГГП) е повеќе од добредојдена. Помошта, која вклучува дигитална рендгенска машина, значително ќе придонесе за зајакнување на капацитетот на општата болница „Ферид Мурад“ и ќе ја олесни работата на здравствените работници кои се на првата линија од битката против пандемијата, рече градоначалникот Таравари.
Амбасадорот Савада посочи дека проектот за подобрување на условите и опременоста со медицинска опрема за гостиварската Општа болница е петти грант во рамки на оваа програма во текот на оваа година.
– Со овој грант, Јапонија ќе обезбеди рентген апарат за општата болница во Гостивар. Се надевам дека новиот дигитален и модерен уред ќе овозможи висококвалитетна медицинска услуга, преку точна дијагноза за потребите на граѓаните на Гостивар, рече Савада.
Директорот на гостиварската болница посочи дека ова е втор пат како оваа здравствена установа добива помош од Јапонската амбасада.
– Во 2002 година, болницата доби медицински опрема и помагала, а сега со оваа донација вредна 60.635 евра, како што е РТГ дигитален уред, ни овозможувате пристап до најсовремената технологија во медицината, рече Јакупи.
Со пограмата за грантови за мали проекти (ГПП), Јапонија од 1996 година досега со над седум милиони евра, во нашата земја има финансирано близу 150 проекти, од кои една третина се за медицински установи.