Северна Македонија и НАТО го зајакнуваат одговорот на сајбер нападите

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска и помошникот генерален секретар на НАТО Дејвид ван Вел, како претседател на Одборот за управување со сајбер одбраната во НАТО, потпишаа Меморандум за разбирање и соработка на полето на сајбер одбраната меѓу Северна Македонија и НАТО, соопшти МО.

Овој Меморандум за разбирање има за цел да ја подобри и унапреди соработката и помошта во полето на сајбер одбраната помеѓу НАТО и националните органи за сајбер одбрана.

– Сајбер – безбедноста е област која ја сфаќаме многу сериозно. Меморандумот за соработка со НАТО на полето на сајбер одбраната, овозможува координирана реакција на сојузниците во случај на сајбер напад и е сериозен придонес во зајакнувањето на националните капацитети за справување со сајбер напади, како и во зајакнувањето на отпорноста на Алијансата, изјави министерката Шекеринска.

Помошникот генерален секретар Ван Вел, истакна дека сајбер одбраната е приоритет за НАТО и неговите сојузници.

– Зајакнувањето на отпорноста кон растечките сајбер закани е од критично значење, и овој Меморандум за соработка во сајбер одбраната кој го потпишавме со Северна Македонија е важен чекор во таа насока“, рече Ван Вел.

Меморандумот за разбирање ќе го олесни споделувањето информации за сајбер заканите и најдобрите практики, ќе ја подобри превенцијата на сајбер инциденти и ќе помогне да се зголеми отпорноста на Северна Македонија во поглед на сајбер заканите.

Исто така, Меморандумот за разбирање ќе ја олесни взаемната поддршка на органите задолжени за сајбер одбрана на НАТО и Северна Македонија во случај на потреба.